Поради погрешна перцепција за лични подароци на бирократијата стимулираме корупција

Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарот Александар Н.Писарев, како дел од грантот на Проектот на УСАИД за граѓанско учество за „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција”. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД. 

 

Поради погрешна перцепција за лични подароци на бирократијата стимулираме корупција

И МАЛА КОРУПЦИЈА ПРАВИ ГОЛЕМА ШТЕТА

Македонската јавност сè уште не ја перцепира корупцијата како еден од најглавните проблеми во земјата и граѓаните остануваат склони кон прифаќањето на корупцијата како општествена норма и дел од однесувањето. Во скоро сите анализирани сегменти постои влошување и граѓаните сè повеќе искусуваат коруптивен притисок а со тоа и се вклучуваат во коруптивни активности. Иако значаен дел од популацијата ја препознава корупцијата тие сè повеќе се толерантни и подложни на корупција. Граѓаните на корупцијата најчесто гледаат како на добро и ефикасно средство да се реши некој проблем и сметаат дека корупцијата се „исплаќа„.

Пишува: Александар Н.Писарев

Таканаречената „мала/ситна“ корупција која претставува препознатливо искуство од секојдневниот живот зафаќа сè поголем обeм, а најчесто се занемарува со оценка дека таа корупција на микро ниво не е опасна за општеството и на неа не се гледа како на општествено неприфатлива појава. Преовладува мислењето дека ситно подмитување не е некоја голема штета за општеството, а на поединецот може да му помогне во решавање на крупни проблеми.
Општинските службеници, даночните обврзници, полицајци, судии, лекари, комунални служби, катастар, царина, по експлицитно од другите, пред граѓаните „поставуваат барања„ за некаков вид надокнада за своите службени услуги за кои примаат плата од буџетот кој го полнат тие исти граѓани плаќајќи данок на државата. Секако дека општествено по опасна е таканаречената крупна корупција и по своите ефекти и според временското траење, но и оваа (ситна) влијае сериозно на општеството во целина. Меѓутоа, имајќи го во предвид обичајното право за дарување јасно е со кои тешкотии се соочува граѓанинот кога треба да процени дали е нешто подарок, мито, бакшиш…
Подмитување на јавните службеници со цел да се забрза некој процес (издавање на градежна дозвола, избегне или одложи плаќање на казна, добие уверение, обезбеди приклучок на комуналии, закаже операција или преглед, итн.) се типични ситуации кои ја илустрираат „ситната“ корупција. Притоа во јавниот дискурс тоа се смета како нормална појава, а како корупција се смета само она што го нарушува јавниот интерес, иако и оваа корупција влијае на општеството во целина.
Кога се зборува за оваа „мала корупција“ таа најчесто се поврзува со секторот на јавна администрација и може да се дефинира како злоупотреба на јавната моќ во приватни цели. Ваква корупција посебно ги погодува посиромашните слоеви на општеството и го оптеретува нивниот буџет, им ги зголемува трошоците на животот, особено што овие слоеви се повеќе зависни од  јавните услуги, бидејќи не можат да си ги дозволат услугите на приватниот сектор.
Луѓето најчесто не сметаат дека е корупција ако некого почестат, ако му дадат подарок или направат услуга. Тие не сметаат дека е корупција  и она што во народот се нарекува обичај јас тебе – ти мене, подарок за услуга или завршена работа, частење. Во овој контекст подмитувањето, неформалните плаќања, подароците се сметаат како нормална појава. Овој вредносен расчекор доведува до процес на навикнување на појавата на корупција односно „нормализирање на корупцијата“. Тоа претставува вовед во повисоко ниво на корупција и за граѓаните како подмитувачи и за службениците кои научени на ситни подароци ги зголемуваат своите апетити и бараат повисока цена да завршат и работи кои се спротивни на регулативите.
Она со што во вакви случаеви мораме да се сложиме е, дека  во овие области баш и не постои јасно препознавање на корупција. Бидејки граѓаните и не се должни да имаат теоретски изострени знаења и перцепции за корупција, често корупцијата ја мешаат со некои други појави како што се злоупотреба на положба, изнуда, пречекорување на службени овластувања…
Луѓето најчесто не сметаат дека е корупција ако некого почестат, ако му дадат подарок, посебно кога се во прашање лекарите, иако и оваа професија претставува посебен проблем бидејќи тука честопати не се работи за корупција туку за елементарни примери на изнуда и уцена со животот што е многу полошо од корупција. Во овој контекст подмитувањето, неформалните плаќања, подароците се сметаат како нормална појава. Овој вредносен расчекор доведува до процес на навикнување на појавата на корупција односно „нормализирање на корупцијата„ .
Евидентна е потребата да им се помогне на граѓаните да ја препознаат и да се борат против таканаречената „мала/ситна“ корупција која претставува препознатливо искуство од секојдневниот живот и стимулира појава и ширење на корупција генерално, и да ги запознаеме со законските одредби и процедури кои се однесуваат токму на оваа област.
Со овој прилог сакаме да ја подигнеме јавната свест кај што поголем број на граѓани за услугите на јавните институции, давателите на тие услуги не треба да очекуваат и да добиват дополнителна награда од граѓаните во форма на подароци, пари или честење,  бидејќи на тој начин ја стимулираат таканаречената мала корупција која прерасанува во општествено неприфатливо однесување, го зголемува нивото на корупција, а на носителите на јавните функции им го зголемува апетитот за своите услуги да бидат дополнително наградени и почестени од граѓаните. Значаен процент на граѓаните плаќа мито на државните службеници повеќе пати во текот на годината.
Законот за укажувачи (свиркачи) ги предупредува и им наложува на јавните институции (Министерства, претставништва, инспекции, општинските служби и службеници во царина, даночни работници, полицајци, судии, лекари, комунални служби, урбанизам…) дека своите услуги, дозволи, решенија треба да им ги даваат бесплатно на граѓаните, бидејќи граѓаните таа услуга веќе еднаш ја платиле преку даноци. Овој Закон стимулира во рамките на тие институции самите вработени да укажат на случаевите на корупција. Дали, колку и како  се применува овој закон образложението е во посебно поглавје.

Граѓаните корупцијата ја ставаат на маргините на злото

Според Извештај за проценка на корупцијата во Македонија за 2018 година кој го спроведе МЦМС, (Македонски центар за меѓународна соработка) врз основа на теренска анкета на репрезентативен примерок од 1001 испитаник, граѓаните корупцијата ја ставаат дури на петто место како општествен проблем. За нив се поважни прашањата поврзани со егзистенција, невработеност, сиромаштија, и ниските приходи, но и политичка нестабилност, дури потоа следуваат корупцијата и криминалот.
Според перцепцијата на граѓаните корупцијата е најраспространета во следните професии: судии, јавни обвинители, министри, лидери на политички партии, локални политичари, пратеници во собрание, цариници, градоначалници, адвокати, даночни инспектори, истражители, бизнисмени, службеници во министерствата, полицајци, лекари, службеници во судскиот систем, новинари, универзитетски професори и службеници, општински советници… Ова се едни, меѓу повеќето општествени сфери кои се подложни на корупција, а пред кои најчесто се пика главата во песокот со оценка дека таа корупција на микро ниво не е опасна за општеството и на неа не се гледа како на општествено неприфатлива појава, односно дека ситно подмитување не е некоја голема штета за општеството, а на поединецот може да му помогне во решавање на крупни проблеми. Ова меѓутоа покажува колку институциите не се функционални и оперативни како сервис на граѓаните.

Според истиот Извештај, 31,4 % од испитаниците потврдиле дека биле вклучени во корупција, а тоа проектирано на население изнесува 519.727 граѓани. Така се доаѓа до заклучок дека во државата се извршени минимум половина милион кривични дела од областа на корупција. Од друга страна во 2016 година само 145 лица биле осудени за злоупотреба на службена должност или поткуп, што значи стапката на ефикасност на институциите изнесеува 0,03 случаи откриени и завршени со судска пресуда.

Македонската јавност сè уште не ја перцепира корупцијата како еден од најглавните проблеми во земјата и граѓаните остануваат склони кон прифаќањето на корупцијата како општествена норма и дел од однесувањето. Во скоро сите анализирани сегменти постои влошување и граѓаните сè повеќе искусуваат коруптивен притисок, а со тоа и се вклучуваат во коруптивни активности. Иако значаен дел од популацијата ја препознава корупцијата тие сè повеќе се толерантни и подложни на корупција.
Граѓаните на корупцијата најчесто гледаат како на добро и ефикасно  средство да се реши некој проблем и сметаат дека корупцијата се „исплаќа„. Мнозинство граѓани веруваат дека има потреба  да се дадат пари, подарок или да се направи против услуга со цел да се реши нивниот проблем. 76,4 проценти од граѓаните кои се анкетирани во истражувањето сметаат дека треба да се дадат пари или подарок или да се направи некаква против услуга со цел да се реши некој проблем.
„Трендот на зголемување на прифатливоста на корупцијата се забележува и во 2018 година што е резултат на мислењето на граѓаните дека корупцијата во државата не е најголемото зло и општествен проблем. Така што половина од полнолетните граѓани во државата ја прифаќаат корупцијата како нешто нормално. Албанците се соочуваат со поголем коруптивен притисок, а со тоа за нив е и поприфатлива корупцијата, односно се потолерантни за корупција отколку  Македонците. Анализата покажува дека 70,3 проценти од Албанците гледаат на корупцијата како прифатливо однесување, додека кај Македонците тој процент е 44,8 проценти. Додека од оние што имале контакт со администрацијата, 81,3% од Албанците искусиле притисок од корупција, наспроти 53% од Македонците. Анализата покажува дека Албанците имаат 3,8 пати повеќе шанси да бидат изложени на притисок од корупција, за разлика од Македонците„ вели Емина Нурединоска, раководител на одделението за граѓанско општество и демократизација во МЦМС.

Подароци и „Подароци„

Со Законот за вработените во јавниот сектор се уредуваат општите начела, класификацијата на работните места, евиденцијата, видовите вработувања, општите права, должности и одговорности, мобилноста, како и други општи прашања за вработените во јавниот сектор.
Посебно поглавје во Законот е Забрана за примање на подароци на вработените во јавниот сектор.
Институции кои се регулирани како работодавачи во јавниот сектор, во согласност со овој закон, се органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани во согласност со Уставот и со закон; институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје. Тоа подразбира дека во овие институции  треба да постои нулта толеранција за корупција. Законот посебно забранува во овие служби примање и давање подароци, пари, ручеци, вечери, туристички патувања за некаква против услуга која треба да ја направи државен службеник.
Со еден збор списокот на државни службеници и носители на јавни функции кои се, или можат да бидат подложни на мито е огромен почнувајќи од судии, лекари, министри, општински службеници, референти, комунални, пазарни, санитарни инспектори, градежни инспектори, инспектори за животна средина, ветеринарни инспектори, референти за сообраќај, за издавање разни дозволи од областа на комунални услуги, градежништво, заштита на природна околина, оружје и распрскувачки материјали, … до судска полиција, шумска полиција, чувари на затвори, инкасатори, портири, шалтерски работници, … чекајќи пред нивните шалтери граѓаните најчесто се одлучуваат да им понудат (а овие да примат) мито за да ја скратат процедурата и да ја завршат работата за која имаат потреба. Меѓутоа и тие самите и граѓаните не се доволно запознаени што вели член 39 од овој закон: …„Вработените во јавниот сектор не смеат да примаат подароци поврзани со нивната работа со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност„…

Што се подароци од пониска вредност: „Подароци што не ја надминуваат вредноста од 1.000 денари, или подароци добиени од иста личност чијашто вкупна вредност не надминува 3.000 денари во дадена година, се сметаат за подароци од пониска вредност.”
Овие забрани и ограничувања, исто така, се однесуваат и на брачниот другар на вработениот, на лица кои живеат заедно со вработениот во вонбрачна заедница, на нивните деца, родители и на лица кои живеат во исто домаќинство.„
Подароци, пак, примени од страна на службени лица или од меѓународни организации, дадени за време на посети, гостувања или во други слични околности се сметаат за протоколарни подароци.
Вработените во јавниот сектор се обврзани да ги предупредат дарителите дека подароците што ја надминуваат вредноста од 1.000 денари стануваат сопственост на работодавачот.
Во случај дарителот да инсистира на примање на подарокот, вработениот или брачниот другар на вработениот, лицата кои живеат заедно со вработениот во вонбрачна заедница, нивните деца, родители и лицата кои живеат во исто домаќинство се обврзани да го достават подарокот до работодавачот.
Голем број професии се перцепирани како висококорумпирани што води кон намален оптимизам дека постои политичка волја и подготвеност на институциите за справување со корупција во Македонија.
„Нашето истражување од 2018 година покажува дека  36,3 проценти од полнолетните граѓани на Македонија биле изложени на коруптивен притисок што е зголемување во однос на претходните години за 5,8 проценти. Од испитаниците кои рекле дека се соочиле со корупција 89,8 проценти одговориле дека не го пријавиле случајот на некоја институција која е задолжена за борба против корупција а само 10,2 проценти ја пријавиле корупцијата и тоа во истата институција во која службеникот им побарал подарок или пари„ вели Нурединоска.
Граѓаните не препознаваат само поткуп даден во пари, туку препознаваат и други пософистицирани форми на корупција, како непотизам, клиентелизам, злоупотреба на положба. И во 2018 година како најпрепознатливи видови на корупција препознаваат давање на пари на полицискиот службеник за да не се одземе возачката дозвола, потоа примање пари од страна на државен службеник за да одобри даночно затајување, давање пари на административен службеник за одредена услуга, за да се добие на јавен повик за концесија, јавна набавка.
Граѓаните најлесно ја детерминираат корупцијата кога се работи за давање на пари отколку кога се работи за корупција остварена преку врски, размена на влијанија, злоупотреба на службена положба. Меѓутоа и покрај тоа што мнозинството граѓани ја препознаваат корупцијата, третина од нив сметаат дека не е корупција ако се даде подарок на лекар за да обрне повеќе внимание на пациентот, или подарок или ручек со општински службеник за да полесно се добие дозвола за градба или да се помогне при остварување на некое право.

Етички кодекс за пратеници

И пратениците на Собранието се на врвот на листата на корумпирани институции. После неколку години чекање, одложување и расправи, Собранието на Република Македонија во рамки на 47. седница  на 11 јуни оваа година едногласно со „84“ гласа За усвои Кодекс за етичко однесување на пратениците. Целта на документот е да ја зајакне етиката кај пратениците и да ја зголеми довербата во Парламентот како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт. Според координаторот на СДСМ (Социјал-демократски сојуз на Македонија) Томислав Тунтев, првпат се носи ваков документ како прв чекор кон регулирање на односот на пратениците во Парламентот сами кон себе, кон колегите, кон јавноста и кон институциите.
„Мислам дека ова е голем чекор напред кон она што веќе подолго време го заговараме дека не можеме да очекуваме никој да ја почитува институцијата пратеник или Собрание доколку со своето однесување токму пратениците не покажат дека се достојни за почит и не покажеме дека ги знаеме, владееме и умееме да ги користиме основните универзални вредности од аспект на морал, етика, професионалност, стручност, колегијалност„ вели Тунтев.

Поентата е преку утврдени правила во Кодексот да се превенира било каква можност на влијание врз пратениците, кои се однесуваат на спречување на судирот на јавниот и приватниот интерес, забраната на корупција и забраната на примање подароци. Во кодексот се нормираат лесни и тешки повреди на кодексот, за кои се предвидуваат и мерки, како што се: опомена за лесните повреди и јавна опомена за тешките повреди. На донесување на овој Кодекс се чекаше неколку години пратениците постојано ја ставаа оваа тема на маргините.
„Неговото донесување следуваше дури по препораката на ГРЕКО (група на држави против корупција), поради превенција на корупцијата кај членовите на Собранието, судиите и јавните обвинители„ вели Владимир Георгиев државен советник во ДКСК (Државна Комисија за спречување на корупција).
„Со овој кодекс се очекува зачувување и афирмирање на достоинството и угледот на Собранието и на пратениците и зголемување на довербата на граѓаните и јавноста во функцијата пратеник како индивидуа и Собрание како претставнички орган на граѓаните на Република Македонија и носител на законодавната власт„ вели Талат Џафери претседател на Собранието на Македонија.
Во делот кој се однесува на јавност и одговорност  се вели дека пратеникот во своите постапки и делување се води од јавниот интерес при што не смее да ја користи својата функција за стекнување лична корист или корист на блиски лица, ниту да прифаќа услуги, подароци и или донации кои би влијаеле на неговите активности и одлучување во работата во Собранието. Пратеникот во вршење функција е должен да ги почитува правилата кои се однесуваат на забрана на корупцијата и да избегнува секакво однесување кое согласно домашно и меѓународно законодавство би можело да се квалификува како коруптивно дејство или отстапување од правилата на Кодексот.
Во член 10 посебно е нотирано дека: „Пратеникот не смее да ја користи својата функција заради остварување на имотна и друга корист за себе или за друг, не смее да бара и/или прима подароци и бесплатни услуги и не смее да ја користи својата функција или информациите кои ги добил преку својата функција за своја лична корист или за лична корист на некој друг„.  Пратеници во иднина ќе треба да потпишат изјава со која го прифаќаат овој кодекс. Изјавата би требало да биде подготвена и објавена на сајтот на Собранието до 7 јули оваа година.
Податоците за примените протоколарни и други подароци, нивната вредност, дарителите и другите околности се внесуваат во евиденцијата на подароци. Во член 39 од Законот се пропишува  дека начинот на располагање со подароците, начинот на управување со евиденцијата и другите прашања во врска со примањето на подароци се уредува со уредба на Владата.
Со оваа уредба се уредува и начинот на располагање со примените подароци, начинот на управување со евиденцијата за примените подароци и други прашања во врска со примањето на подароци.
Законот предвидува дека: „Во службените простории на институциите на јавниот сектор на соодветен начин, видлив и пристапен за странките се поставува известување за условите и начинот на давање на подароци за вработените во јавниот сектор“.
Вработениот во јавниот сектор кој примил подарок, се вели во Уредбата, најдоцна во период од два работни дена од денот на примањето го пријавува кај овластеното лице и веднаш по поднесување на пријавата подарокот го доставува до работодавачот.
Секој примен подарок се евидентира во евиденцијата на подароци. Во евиденцијата на подароци се внесуваат податоците за примените подароци содржани во доставената пријава за примени подароци, како и податоци за начинот на понатамошно чување, складирање и располагање со подароците кои станале сопственост на работодавачот.
Подароците што станале сопственост на работодавачот, се пропишува во Уредбата, сè до завршување на постапката за отуѓување, привремено се чуваат во посебна просторија во институцијата, која е заклучена и недостапна за вработените во институцијата, освен за раководното лице на институцијата и овластеното лице.
„Доколку димензиите и бројот на подароците кои станале сопственост на работодавачот тоа го дозволуваат, истите може да се чуваат во орман обезбеден со клуч. Овластеното лице се грижи за одржување и проверка на состојбата на подароците“, се вели во Уредбата за начинот на располагање со примените подароци, начинот на управување со евиденцијата на примените подароци и други прашања во врска со примањето на подароци.
Во случај кога е примен подарок кој може да се користи од институцијата, за реализација на нејзините законски надлежности, тој може да се користи од страна на институцијата. Во случај, пак, кога се работи за подарок што не може да се користи од институцијата за реализација на нејзините законски надлежности, тој треба да се отуѓи во согласност со закон.
Според перцепцијата на граѓаните и министрите во Владата на Република Макеоднија се подложни на корупција и примање подароци. Владата има донесено Уредба со која се регулира оваа материја. Според  информацијата која ја добивме од службата за контакт со новинарите во Владата на Република Македонија,  уредбата редовно се применува во Владата, таму постои задолжен службеник кој бројкееи, евидентира, складира и води грижа за подароци кои министри или членови на Влдата ги добиваата при разни службени патувања или протоколари посеети.
Што се случува со подароци примени ван протоколот и ван службените дејствија зависи од совеста и совесноста на примателите.

Како се корумпираат лекарите

Според граѓаните корупцијата најмногу царува и во здравството и во судовите. Иако корупција во здравството завзема високо место, во последните пет години само неколку лекари се фатени во корупција и изведени пред суд.
„Лекарската професија е посебен проблем и можеби корупција во здравство и не постои, него  повеке се работи за случаеви на изнуда, уцена со животот и здравјето што е многу полошо од корупција„ вели Менче Точи, новинар истражувач која долго време прати здравство. Во вакви случаеви дилемите кај граѓаните се разбирливи бидејќи кога корупција е така ендемски раширена тешко е по некогаш да се каже што е а што не е корупција.
„Јавна тајна е дека во здравството има многу корупција и тоа на сите нивоа, од примарно здравство каде почнува со „мали подароци и 100 грама кафе„ до клиниките и специјалистичките ординации. Тоа го знаат и вработените во медицинските установи и ние новинарите и граѓаните. Иако имало случаи кои биле фатени од полицијата, а неколку од нив беа осудени на казни затвор земањето мито во здравството никогаш не престанало туку напротив сега зема уште поголем замав. Кога говорам за ова, паѓаат во сенка подароците кои пациентите ги даваат како благодарност. Се разбира има лекари кои чесно си ја вршат својата работа, наспроти поголема група лекари специјалисти хирурзи, гинеколози и лекари од други специјалистички дејности кои низ здравствените проблеми на граѓаните гледат можност за остварување на високи приходи. Во ера кога голем број на лекари ја напуштија државата и одат на работа  во странство или приватни болници поради поголема заработка, забележливо е дека цела една категорија на лекари намерно остануваат да работат во јавното здравство и покрај малите плати бидејќи корупцијата за подобар здравствен третман станала вообичаен манир во условите кога за најбанална операција треба да се чека по неколку месеци„ вели Точи. Точи вели дека корупцијата во здравство достигнала толку високо ниво што постои непишана „кодекс„ меѓу лекарите колкава е тарифа за одредена услуга на хирурзите, а колква за гинеколозите.
Според неа, и секој подарок кој здравствените работници евентуално ќе го добијат од претставницте на фармацевтската индустрија претставува еден вид на корупција.
Потполно е неприфатлива праксата поедини фармацевтски компании да организираат за лекарите луксузни семинари на егзотични туристички места со сите платени трошоци, бидејќи е очигледно дека од тие лекари очекуват некаква против услуга. Здравството е нераскинлив дел на јавниот сектор но мерките за спречување на корупција во таа област не се исто регулирани како кога се во прашање политичарите на пример.
Тоа што загрижува и за што треба да се поведе повеќе внимание во иднина е голема толеранција, односно прифатливост на корупција од страна на  младите на возраст од  18 до 29 години споредбено со други возрасти. Имено за 64,2 проценти од младите на оваа возраст е неприфатливо да се дадат пари за да се реши некој проблем, што е за високи 9,6 процентни поени и помалку од просечна неприфатливост на другото население (73,8 проценти). За разлика од  постарата генрација  помеѓу 60 и 69 години која е многу понетолерантна кон оваа појава. Меѓутоа овде е интересно дека  давање разни подароци на доктор за тој да „обрне внимание„ е обратен, така 71 процент на младите  помеѓуи 18 и 29 години ова го сметат за корупција додека само 52,4 проценти на постарата генерација над 65 години на ова гледа како на коруптивен чин„ вели Нурединоска.

Професори со лепливи прсти
Меѓу општествените свери за кои се смета дека се проткаени со „мала„ корупција доста високо место во перцепција на граѓаните за жал завзема и област на високото образование. Сите анкети и истражувања кои се до сега правени потврдувате дека корупцијата е присатна во високото образование, но и дека нема некоја поголема спремност  да и се застане на пат на оваа појава, или барем да се намали, ако веќе не може да се искорени. Сокривање на глава во песокот пред ова појава нема да ја подобри сосотојбата. Неколку примери на откриена корупција во оваа област ја покажува софистицираност  на начин на кој парите се извлекуват од студентите. Тоа најчесто се прави со условување да се купи скапиот учебник или скрипта на професорот што е услов за преодна оценка, при што воопшто нее важно дали материјата е прочитана и научена.
Еден од осуммината осомничени универзитетски професори во акцијата на МВР под кодно име Еразмус бил фатен со кеш од 1000 евра за кое обвинителството го сомничи дека го добил како мито. Во соопштението кое го објави Основното јавно обвинителство се вели дека освен пари, осомничените професори барале и сексуални услуги од студентите во замена за положување на испит. Станува збор за 6 професори на Економскиот факултет во Скопје, еден демонстратор и управителот на студентското бифе.
Студентите на социјалните мрежи веќе пишуваат за разработена шема во која од нив се барало да оставаат пари во бифето или скапо да ги плаќаат книгите кои ги издавале некои професори, или да подготват скапи подароци како аванс за преодна оценка.
Според Нурединоска голем број професии се перципирани како  висококорумпирани што води кон намален оптимизам дека постои политичка воља и подготвеност на институциите за спрвување со корупција во Македонија.
Според Извештајот за процена на корупција во Македонија за 2018 година свесност за препозавање на корупција  во секојдневните практики е врло висока кај граѓаните. Најчестите практики во кои граѓаните ја препознават корупцијата се давање пари на полицијата за да не се одземе возачката дозвола – 94,2 проценти, давање пари на административен службеник да се добије концесија или победи на јавна набака – 93,5,  примање пари од страна на државен службеник за да се намали данокот или да се затаји – 93,4 проценти.
Со „Свиркање„ против корупција

Според перцепција на граѓаните на ранг листа на најкорумпираните професии се: на прво место Судиите, па следат: јавни обвинители, министри, лидери на политички партии и коалиции, локални политички лидери,, пратениците во собранието, цариници, градоначалници, адвокати, даночни инпсектори, истражители, бизнисмени, службеници во министретсва, полицајци, лекари, службеници во судовите, новинари, универзитетски службеници или професори, членови на општински совети, општинска администрација…
Правопропорционални со овие податоци се и  податоците за перцепција на граѓаните за распространетост на корупција во државните институции.  На прво место се судовите, потоа министерство за здравство, обвинителство, царина, биро за јавни набавки, Министерство за транспорт и врски, даночна служба, државен завод за ревизија, владата, Министерство за животна средина и планирање, Министерство за економија, општинска власт, полиција, парламентот, општинска администрација, институција, претседател, армија.
Владимир Георгиев, државен советник во секретаријатот на ДКСК вели дека нема мала и голема корупција, без оглед дали во корупцијата е вплеткан најнискиот државен службеник или министер. „Битна е проценката дека се работи за ситуација во која поединци се ставаат над законот и работат во полза на сопственикот а не на јавниот интерес. Државата не смее да гледа низ прсти на такви појави„ вели Георгиев.
Граѓаните не се доволно запознаени дека постои законско право да пријават секој обид на корупција во јавни и приватни институции. Тоа произлегува од Законот за укажувачи . Според овој закон постојат неколку нивоа и механизми за пријавување на корупција, при што дојавувачот-укажувач и неговите лични податоци се потполно заштитени.
Систем за укажување може да биде ефикасен само ако е составен од оперативна нормативна и институционална рамка која го унапредува општиот интерес на транспарентност и одговорност. Ова значи дека регулаторната рамка треба да создаде соодветни канали за пријавување, или во организацијата каде што се случил престапот или во надворешно тело со мандат да го истражи и соодветно да постапи по престапот. Дополнително, јавното пријавување- преку традиционални или социјални медиуми- мора да биде перцепирано како легитимно, бидејќи постои нераскинлива врска меѓу јавниот интерес, слободата на изразување, и правото да се прима информација.
„Законот за укажувачи-дојавувачи е сеопфатен, позитивно е оценет и од Венецијанската комисија а сепак во пракса не функционира и не е заживеан. Потребно е да се зголеми и зајакне свеста на вработените во јавниот секотор да се одважат и да пријават корупција. Со Закон за заштита на укажувачи се штити јавниот интерес од сите аспекти, затоа е потребно да се работи на јавна свест и обука на вработените за поддршка и заштитита на укажувачите„ Вели Георгиев.
Како граѓаните да се заштитат од корупцијата.  Владимир Георгиев државен советник во ДКСК  вели „Најдобрата можност ја пружа Законот за заштита на укажувачи. Донесен е 2015 година. Со овој закон се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето и заштита на укажувачите.
„Укажувач е практично секој полнолетен граѓанин на Република Македонија и при пријавување на корупција тој и неговите лични податоци се максимално заштитени.
Да објасниме поедноставно пријавување може да биде на неколку нивоа.
Законот посебно ги стимулира и ги штити како укажувачите самите вработени во јавните институции кои можат да пријават секоја корупција или сомнеж за корупција во својата установа. Тоа може да биде лице кое е во работен однос во институцијата, кандидат за вработување, хонорарец, привремено вработен, лице кое по било кој основ било ангажирано во институцијата, лице кое било во деловен однос со институцијата или соработувало, или правно лице кое имало релации со институцијата…..
Станува збор за поптполно заштитено пријавување при што идентитетот и личните податоци на пријавувачот се комплетно заштитени. Пријавувањето може да биде внатрешно, надворешно и јавно, пријавувачот треба да има добра намера и таа да е во функција на заштита на јавниот интерес.

„Заштитено внатрешно пријавување подразбира пријавувач на корупција тоа да го направи во институцијата во која се сомнева дека поединци се корумпирани или има докази дека е извршена корупција, или некое друго незаконито постапување со кое е повреден јавниот интерес. Пријавувањето може да се направи усно  или во писмена форма кај овластено лице во институцијата, или овластено лице за пријем на пријава од укажувач. (тоа подразбира дека институција треба да назначи овластено лице за оваа функција, така предвидува Законот), и тоа на формулар кој го има подготвено институцијата. Тоа овластено лице, раководно лице или како е назначено мора да постапува  според процедурите кои се утврдени со актот за внатрешно пријавување.  Заштитено внатрешно пријавување во институциите од јавен сектор се уредува со акт што на предлог на ДКСК го донесува Министер за правда, тие акти и упатства морат да бидат јавни и достапни до сите вработени во институцијата односно правно лице„ вели Георгиев.
Георгиев објаснува дека Заштитено надворешно пријавување подразбира дека укажувачот кој се сомнева дека во некоја јавна институција, министерство, служба, инспекција, управа… има корупција, тоа може да го пријави и надвор од таа институцијата. Пријавата треба да ја достави до надлежното јавно обвинителство, Министерство за внатрешни работи, ДКСК, Народниот правобранител на Република Македонија и други надлежни институции, односно правни  лица и тоа може да го направи усно или во писмена форма, а надлежна институција е должна без одложување, а најдоцна во рок од 15 дена од прием на пријава да го информира пријавувачот за превземените мерки.
Укажувачот може и преку медиуми, конференции за печат или на друг начин јавно да обелодени корупција во некоја институција со тоа што информациите со кои располага за корупција ќе ги направи јавно достапни до сите граѓани и институции, укажувајќи дека се извршува или ќе се изврши казниво дело корупција.
Укажувачот има право на надомест на штета што може да ја претрпи тој, или нему блиско лице поради пријавувањето.
„Законот предвидува и прекршочни одредби за правни лица и раководни лица доколку не се придржуваат до овие одредби и процедури.  И тоа со казна од 3000 до 6000 евра во денарска противвредност ќе се казни овластено лице назначено за прием на пријави од укажувач, односно раководно лице во институцијата доколку не ги почитува одредбите на Законот, а со 2000 до 4000 евра ќе се казни институцијата„ појаснува Георгиев.
Според овој закон, сите јавни институции се должни да именуваат надлежно лице кое треба да прима пријави од дојавувачи, или раководно лице кое ќе ја врши таа работа. Меѓутоа најчесто овластеното лице е воедно и раководно лице, што кај пријавувачите внесува страв од репресии доколку се пријави корупција. Иако корупцијата е широко распространета, иако е голем процентот на граѓаните врз кои имало притисок за корупција кај граѓаните не постои  високо ниво на свесност или волја да ја пријават корупцијата. Меѓутоа кога во рамките на истражувањето е направена симулација и граѓаните се прашани како во виртуелна прилика, што би направиле кога би биле во улога на државен службеник во јавна институција и се сомневаат или знаат дека постоела, постои или ќе постои одредено коруптивно однесување во рамките на институцијата дали ќе го пријавите. 45,8 проценти одгвориле со да, 35,1 со не, 19,2 незнаат, немат одговор.
„Од 1.293 државни институции обврската да поднесуваат шесмесечни извештаи за укажувачи до Антикорупциска доставувале едвај стотина институции. Казната за непочитување на оваа обврска е до 5.000 евра, но досега Антикорупциска за ниту една од нив не поднела прекршочна пријава„ вели Георгиев.
„Граѓаните ретко пријавуваат корупција, 89,8 проценти на граѓани кои биле изложени на притисок на корупција не се пожалиле во ниедна институција што укажува дека тие не очекуваат вистинска борба со корупцијата. Граѓаните, како и претходно  не очекуваат дека оваа Влада ќе се справи со корупција и мислам дека ова треба да биде една голема, голема порака до Владата од двата аспекти, како се справува со корупцијата и како во јавноста презентира дека се справува со корупција. Можеби се справува но ако тоа не е добро артикулирано во јавноста е проблем„ вели Нурединоска.

Не оперативни закони

Д-р Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешенл во Македонија оценува дека се тоа недоречени неоперативни процедури без јасни толкувања и упатство како да се направи разлика што е подарок а што мито, и кога подарок се третира како мито. Праксата покажува дека посебно во пониските ешалони на јавната управа, администрација, судството, образованието, царина, Управа за јавни приходи, катастар… не постојат интерни правилници, процедури и механизми за контрола, кои по прецизно би ја регулирале оваа материја. Ни во една од овие институции граѓаните не се транспарентно предупредени дека е забрането на вработените да им даваат подароци. Во повеќе институции не постојат процедури за вакви прилики, нема евиденција на подароци, нема просторија за нивно чување, не е назначено лице кое за нив се грижи. Ние со цела сериозност на тоа сме укажале и во Студија  „Национален систем за интегритет-оценка за Македонија„.

„Интегритет на членовите на судската власт во практика не се обезбедува. Кодексот на  судската етика се состои од начела, но не обезбедува јасни насоки за судиите. Одредбите со кои судиите се обврзани да пријавуваат подароци и гостопримство не се применуваат во практика и судиите не пријавуваат подароци или гостопримство така што и покрај неколкуте измени на законска рамка со цел да се зголеми независноста и интегритетот на судството, се смета дека има високо ниво на корупција во судскиот систем. Околу 74 проценти на анкетирани, граѓаните веруваат дека судиите се корумпирани„ вели д-р Слаѓана Тасева.
Генерално судиите ја почитуват обврската да го обелоденат својот имот но во голема мера нивните изјави не се ажурирани. Изјавите се  објавуват на интернет страниицата на ДКСК, но нема воспоставен механизам за прецизно следење на промените во имотото на судиите. Тасева смета дека е непоходно во сите инститции каде граѓаните имат некави релации со носителите на јавни функции или со државни службеници да се воспостави систем на слеедење на сите подароци кои ги добивгат за извршена услуга, да се донесат интерни акти и правилници и да се воспостави служба и лице кое ке биде задолжен да води евиднеција на сите подароци кои ги добиват носителите на јавни функции.

Лидија Стојанова вели дека и државна ревизија има укажано на овие пропусти, посебно кога е во прашање судскиот систем. Таа вели дека механизми со кои би се обезбедил интегритерт на членовите на судската власт не се доволно прецизни, јасни и оперативни. Воспоставени се опширни правила во врска со интегритет на судиите. Меѓутоа, на пример Кодексот на судиската етика не обезбедува јасни насоки за спровеедување мерки за интегритет.
Понатаму сите судии не се членови на Здружението на судии на Македонија па Кодесот не е обврзувачки за сите судии. „Потребен е унифициран кодекс што ќе се однесува на сите судии„ вели Тасева. Во Кодексот нема јасна постапка за прифаќање подароци и други придобивки.
Закон за судиите им забранува на судиите да прифаќат подароци или други погодности поврзани со вршењето на судската функција и такво нешто се смета за дисциплински прекршок. Им забранува да прифаќат подароци или ветувања.
Сепак судиите можат да примат лични подароци во вредност до 200 евра, доклку подарокот го дава странска земја, тело, институција или меѓународна организација, меѓутоа таква врста на подароци се смета како сопственост на државен орган и подлежи под законот за користење и располагање на стварите на државните органи.

Од Итар Пејо до денес
Што е, а што не е корупција
Според народното толкување, не е секоја награда мито и за тоа во обичајниот живот е направена јасна разлика помеѓу чест, подарок, дарување, честење и мито. Обичајните, морални норми строго ги дефинираат обредите и ритуалите и строго пропишуваат кога некој задолжително треба да се дарува. Тие обичаи обично се поврзани со животниот циклус или настан кој е значаен за поединецот или семејството, давање подарок или правење чест во вакви ситуации не се смета за мито и нема елементи на корупција. Не се смета за корупција ни ситуација во која некој ви помогнал да завршите некаква работа а вие го честите со ручек или некој подарок од помала вредност, тоа се смета за благодарност според обичајните норми и човекот е обврзан да на некаков материјален начин ја покаже и изрази својата благодарност. Во спротивно, средината во која живее ќе има лошо мислење за него и ќе го смета за неблагодарна личност.
Меѓутоа, обичајното право прави строга селекција во вакви прилики и немилосрдно е и кон оној кој дава и оној кој прима мито. Така се смета дека ако вие на некого му дадете подарок, или го однесете на ручек пред да ви заврши или направи некава услуга, или сам тоа го побара тоа се смета како грев и мито. За луѓето кои примаат мито во народната традиција преовладува негативно мислење. Осудата на околината е многу потешка кон оној кој прима, отколку кон оној кој дава мито. Преовладува уверување дека оној кој прима мито тоа го прави од чиста алчност, а не поради некаква животна поттреба, па според тоа осудата на околината е многу поголема.
Истовремено ако на оној кој дава мито тоа е единствениот начин да го реши своето легитимно барање, тогаш ставот на традиционалната средина е неосудувачки.
Народната традиција преќутно одобрува и има разбирање за поединците кои со подмитување ја забрзуваат административната постапка или добивање на решение, бидејки е јавно познато дека  државната администрација, или кажано власт, односно државни чиновници кои се претставници на власт, секогаш можат да  пронајдат изговор или оправдување зошто предметот не е решен, потврдата не е изготвена, решението не е „потпишано„. Ако странката инсистира да „власт„ благовремено си ја заврши својата работа, може да предизвика револт кај службеникот па народот затоа во вакви прилики вели „не може шутиот со рогатиот„. Бидејќи обично оној кој бара услуга е од провинција или од село, а државното надлежништво во градот или општината, на оној кој што моли му е поевтино и поедноставно да го подмити службеникот, отколку повеќепати за иста работа да доаѓа пред шалтерот.
Ваквиот вид на корупција на овие простори е вековна традиција и таа е најтешко да се искорени бидејки е секојдневна појава.

_________________________________________________________________________

Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петдогишна иницијатива во вредност од 9,4 милиони долари кој се стреми да го зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење како и да се придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Македонија. 

 

Платформата на граѓански организации за борба против корупција вклучува 17 граѓански организации кои работат на поголема вклученост и влијание во борбата против корупцијата во Македонија.