Граѓанските организации го одбележаа Меѓународниот ден на борбата против корупцијата

По повод одбележување на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, организираше конференција на 12 декември 2018.

Конференцијата насловена „Итни реформски приоритети: Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата. Има ли напредок?“ направи простор да се изнесат и дискутираат ставовите на претставници од извршната, законодавната и судската власт, невладиниот и приватниот сектор, медиумите и претставниците од меѓународните организации, во рамки на 3 панел дискусии.

Конференцијата беше отворена со воведни обраќања од страна на Слаѓана Тасева – Претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Рената Дескоска – Министерка за правда, Самуел Жбогар –  Шеф на Делегацијата на Европската Унија и Розета Трајан – Генерална секретарка во  Државната комисија за спречување на корупцијата.

Првата панел дискусија беше посветена на „Зајакнување на институционалната рамка во борбата против корупцијата: Предизвиците при воспоставување на функционалноста на институциите“, а кон истата активен придонес дадоа Слаѓана Тасева – Претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Павле Богоевски – Пратеник во Собранието на Република Македонија, Рената Дескоска – Министерка за правда и Софка Пејовска Дојчиновска – поранешен генерална секретар во  Државната комисија за спречување на корупцијата.  Втората панел дискусија, пак, под насловот „Ветинг процесот и интегритетот при изборот и назначувањето на судии, обвинители и членови на регулаторни, контролни и надзорни тела: Олеснување при процесот на избор или обесхрабрувачки чекор?“ го опфати доследното почитување на принципите на мерит- системот во независноста на регулаторните, контролните и надзорните тела и нивното значење за владеењето на правото во борбата против корупцијата во земјата, преку обраќањата на Алберт Муслиу – Прв Извршен директор на Асоцијација за демократски иницијативи, Ана Павловска Данева – Шеф на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО, Вилма Русковска – шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, Маргарита Цаца Николовска – судијка во Уставниот суд на Босна и Херцеговина и Лазар Нанев – претседател на Основен суд Кавадарци и Претседател на Советот за спречување на малолетничка деликвенција.

Улогата на граѓанските организации во одбрана нa правната, финансиската и политичката рамка: Основање на систем на контрола на власта“ беше последната панл дискусија во рамки на конференцијата и за време на истата фокусот беше ставен на напорите сторени од граѓанските организации, научените лекции и следните чекори. Во оваа сесија свои излагањаа имаа Марко Трошановски – Претседател на Институт за демократија “Социетас Цивилис”-Скопје, Н.Е. Амбасадор на САД во Република Македонија Џес Л. Бејли, Сабина Факиќ – Програмски директор во Центарот за граѓански комуникаци и Емина Нурединоска – раководител на секторот за граѓанско општество во Македонски центар за меѓународна соработка.

Конференцијата беше организирана од Транспаренси Интернешнл-Македонија во рамки на  зајакнувањето на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која вклучува 16 граѓански организации. Оваа иницијатива е поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество кој се стреми да го зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење како и да придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Македонија.