94 закони предложени во декември 2019 не се објавени на ЕНЕР

Владата на Република Северна Македонија, во декември го прекршила сопствениот Деловник бидејќи од усвоени 120 закони, 94 не биле ставени на консултација на ЕНЕР (единствениот национален регистар на прописи). Ова е утврдено со следење на отвореноста на процесите на подготовка на закони преку редовно објавување на ЕНЕР.

Ако се погледнат предлог текстовите на овие 94 закони и објаснувањата од подносителот ќе се види дека во најголемиот број се врши усогласување со Законот за прекршоци, но воедно сите глоби драстично се намалуваат од оние кои се моментално утврдени.

Напоменуваме дека, подносителот има обврска да го почитува Деловникот без разлика на содржината на измените, освен со исклучок кога се вршат интервенции од нормативно-правен карактер, и тоа: номотехнички интервенции, терминолошко усогласување со други закони и јазично или редакциско уредување на текстот на законот.

Согласно Деловникот на Влада, сите предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на закони кои што ги предлага Влада до Собрание, надлежните министерства имаат обврска да ги објават на својата интернет страница и на ЕНЕР (www.ener.gov.mk) и истите треба да бидат достапни за коментари од јавноста најмалку 20 дена од денот на објавувањето на ЕНЕР.

Со ваквата пракса на масовно донесување закони по скратена постапка кои воедно не се објавени на ЕНЕР, јавноста и сите засегнати страни не се во можност навремено да се информираат, да дадат свој придонес и да се вклучат во подготовка на закони кои што ќе ги одразуваат потребите на граѓаните. Напоменуваме дека оваа состојба беше констатирана и пред парламентарните избори во 2016 година што пак создава една негативна предизборна пракса.

Воедно сакаме да укажеме дека кај дел од законите за кои не е испочитуван процесот на консултации утврдено е дека постојат и измени и дополнувања кои не се само во форма на законско усогласување туку имаат и пошироко влијание. Имено, како поспецифични значајни законски измени или нови законски текстови кои не го поминале филтерот на ЕНЕР би ги посочиле:

  • Предлог – закон за изменување на Законот за заштита од пушењето
  • Предлог-закон за изменување на Законот за стоковите резерви
  • Предлог – закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти
  • Предлог- закон за изменување на Законот за работните односи
  • Предлог- закон за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија

Апелираме до Владата и надлежните органи на државната управа да ги почитуваат пропишаните одредби од Деловникот за работа на Владата и да не ја избегнуваат обврската за достапност за консултации на сите предлог закони, вклучително и оние кои се донесуваат по скратена постапка, посебно имајќи ги во предвид транспарентноста и отчетноста за која се залагаат.

 

Со почит

Платформа на граѓански организации за борба против корупција

 

Платформата на граѓански организации за борба против корупција се состои од 17 членки кои работат во полето на анти-корупција, владеење на право и добро управување. Повеќе информации за Платформата можете да најдете на веб страната antikorupcija.mk. За понатамошни контакти поврзани со ова соопштение, ве молиме контактирајте ја Снежана Камиловска Трповска на skt@mcms.mk или телефонски на 02 3088 983.