Во Велес одржани обуки за зајакнување на капацитетите на граѓанското општество и политичките партии

Во периодот од 10-13 февруари во Велес, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата во рамки на проектот „Набљудување на успешноста на работата на Државната комисија за спречување на корупција“, финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија, организираше две обуки. Темите на обуките беа „Следење на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и политичките партии за време на изборен период“  и „Антикорупциски политики и пракси“.

Обуките имаа за цел да ги зајакнат капацитетите на членовите на граѓанското општество и политичките партии во земјата фокусирајќи се на правната регулатива и праксата.

Обучувач на обуката „Антикорупциски политики и пракси“ беше Слаѓана Тасева. Обуката беше насочена кон зајакнување на познавањата на слушателите кои немаат директен контакт со спроведувањето на антикорупциските политики и практики. Фокусот беше ставен на правната регулатива – Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси како и на работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Обучувачи на обуката „Следење на работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и политичките партии за време на избори“ беа Фиљана Кока и Зоран Фиданоски.

Главниот фокус беше на правната регулатива, Законот за финансирање на политичките партии, Изборниот законик и други релевантни закони. Учесниците на обуката се запознаа и со работата на ААВМУ, особено за мониторингот на платеното политичко рекламирање на партиите во медиумите во изборен период. Преку конкретни примери учесниците запознаа со форми на коруптивни дејствија во изборниот процес.