Платформата на граѓански организации за борба против корупција учествуваше на националните консултации на УНОДЦ за состојбите со корупцијата и идните стратешки цели

На 18ти ноември 2026 година, во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје се одржа неформална консултативна средба организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), како дел од серијата консултации со локални чинители и партнери низ Југоисточна Европа.

Целта на настанот беше размена на мислења, дискусија за новите потреби и приоритети, како и собирање сознанија кои ќе го обликуваат дизајнот на потенцијалната следна фаза на регионалната програма „Југоисточна Европа – Заедно против корупцијата“ (Southeast Europe – Together Against Corruption – SEE-TAC). Програмата SEE-TAC, која УНОДЦ ја спроведува во партнерство со Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), претставува една од клучните регионални иницијативи насочени кон граѓанскиот сектор во областа на доброто владеење, транспарентноста, отчетноста и борбата против корупцијата, вклучително и во Северна Македонија. Со оглед на разгледувањата за можна втора фаза (SEE-TAC II), целта беше да се слушнат искуствата и препораките на организациите активни во оваа област, вклучително и оние кои досега не биле директно вклучени во програмата.

На средбата од страна на УНОДЦ присуствуваше претставничката Викторија Нестеровајте, дел од тимот на Одделот за граѓански организации на УНОДЦ.

На консултациите во Северна Македонија активно учество зедоа граѓански организации членки на Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Претставниците на Платформата дадоа суштински придонес кон дискусијата, укажувајќи на актуелните состојби со корупцијата во државата, својот досегашен фокус на работа и клучните предизвици со кои се соочува граѓанскиот сектор. Исто така, тие ги споделија своите видувања за приоритетите во наредниот период и областите во кои понатамошната поддршка и регионалната соработка можат да донесат напредок во унапредувањето на антикорупциските политики и практики.