На 20 и 21 декември 2025 година во Куманово се одржа Собрание на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, како и работилница наменета за јакнење на капацитетите на граѓанските организации за користење на податоци и алатки во откривањето корупција и судир на интереси.
Собранието се одржа на 20 декември и беше посветено на разгледување на работата на Платформата во изминатиот период, како и на дискусија за идните приоритети и активности. Членките на Платформата го разгледаа и усвоија записникот од претходното Собрание, по што следуваше дискусија за реализираните активности во текот на изминатата година. Во рамки на Собранието беше отворена и дебата за следните чекори на Платформата, при што беа разгледани и проектните активности на организациите членки.
Вториот ден од настанот, 21 декември, беше посветен на тематска работилница за граѓански организации, со фокус на практичната примена на податоци и регистри во борбата против корупцијата. Во рамки на работилницата беа презентирани наоди од анализи поврзани со користењето на податоците од Регистарот на вистински сопственици, како и со предизвиците во пријавувањето на имотната состојба и интересите на јавните функционери.
Дополнително, беа споделени искуства и сознанија од страна на претставници на релевантни институции како Државната комисија за спречување на корупција и Бирото за јавни набавки, со осврт на можностите за проверка на имотната состојба и користење на податоците од електронските системи за јавни набавки во истражувачка и мониторинг работа. Во продолжение беше претставена и IW Платформата како алатка за откривање корупција и судир на интереси, при што учесниците имаа можност да се запознаат со нејзините функционалности и потенцијал за примена во секојдневната работа на граѓанските организации.
Со настанот беше потврдена важноста од континуирана соработка меѓу граѓанските организации и институциите, како и потребата од унапредување на знаењата и вештините за користење на достапните податоци и алатки во борбата против корупцијата.