Пендаровски да го искористи правото на вето, побара Платформата на граѓански организации за борба против корупција

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска побара од Претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера, на 6 септември 2023 ги усвои Собранието.

Платформата нагласува дека има две причини зошто Претседателот Пендаровски има должност да го искористи ветото.

Првата причина е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со:

  1. Застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил.
  2. Ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција
  3. Ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда.

Втората причина е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи.

Претставниците на граѓанските организации членки на Платформата доставија и официјално писмено барање до Претседателот Пендаровски.