Соопштение по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата

На Mеѓународниот ден за борба против корупцијата, ние, граѓанските организации упатуваме порака дека главен приоритет за нашето општество се демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Политичките ветувања, без сериозна заложба, значат само демагогија која не оди во прилог на подобрување на животот и стандардот на граѓаните. Пропуштеното време не може да се надомести и граѓаните губат верба во државата, поради што се почесто носат одлука својата иднина да ја градат и даноците да ги плаќаат во друга земја.

Годината што изминува ја одбележаа две противречни состојби на полето на борбата против корупцијата: од една страна, високи функционери на власта многупати ја повторија својата заложба за борба против корупција; од друга страна, проблемите се повторуваат во повеќето области што се ранливи на корупција.

Борбата против корупцијата е неразделна од владеењето на правото. За да се искоренува корупцијата, особено високата корупција, преку која милиони се одлеваат надвор на приватни сметки, потребно е да постои сигурност и предвидливост дека правдата ќе ги стигне корумпираните. Особено оние кои со злоупотреба на власта ги осиромашуваат граѓаните, и ги оставаат без здравство и образование. Последните настани во правосудството, изборот на Јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и претседател на судски совет, превирањата во советите (Судскиот совет и Советот на јавни обвинители) ја урниса перцепцијата за непристрасноста и ја намалија довербата во подобрување на квалитетот на правдата.

Истовремено, институциите се неодлучни, не реагираат или не постапуваат за справување со корупцијата. Граѓаните веќе подолго време ја чекаат реформата за именувањето на функционери и вработувањето на администрацијата по принцип на заслуги. Меѓутоа, наместо ваквата политика да биде приоритет за институциите на кои и се потребни најдобрите кадри, реформата е заглавена поради партиските интереси и коалиционите договарања.

Во период на продолжени ефекти од пандемијата, како и вкрстување на енергетската и економската криза, очекувавме државата да го подобри трошењето на јавните пари и преку тоа ќе овозможи индиректен поттик за економијата. Меѓутоа, продолжува трендот на јавни набавки со посакувани победници, ниска конкуренција и слаб учинок на контролата на изведбата и доставувањето стоки, работи и услуги. Високиот „данок“ на корупцијата предизвикува домашниот бизнис да не се развива или, пак, квалитетниот капитал од странство да не сака да инвестира во      земјата. Младите не престануваат да ја напуштаат државата.

Цената на долгорочната корупција најмногу ја плаќаат граѓаните што поради тоа и понатаму остануваат без квалитетни здравствени услуги, образование, енергетска сигурност,  здрава животна средина и доверба во својата држава.

 

Скопје, 9 декември 2022 година

Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата

 

Соопштение на Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата