Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата ги повикува пратениците во Собранието на Република Северна Македонија итно да именуваат директор и заменик-директор на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Оваа Агенција, која е клучна за заштита на уставно загарантираното право на граѓаните до информациите кои ги поседуваат јавните институции, а со тоа и за транспарентноста на властите на сите нивоа, веќе еден месец е нефункционална поради истекот на мандатот на претходниот директор и неговиот заменик, и неименувањето на ново раководство од страна на Собранието.
Правото на граѓаните до информациите од јавен карактер е едно од основните човекови права гарантирани со меѓународните и европските конвенции, како и со Уставот на Северна Македонија.
Пристапот до информациите што ги создаваат и поседуваат јавните институции, а се во сопственост на граѓаните, им овозможува на граѓаните да бидат информирани за своите права и обврски во општеството, да пристапуваат кон услугите што ги нудат јавните институции, да учествуваат во процесот на донесувањето одлуки и да бараат одговорност од властите. Исто така, пристапот до информации од јавен карактер е една од најзначајните алатки за граѓанските организации, медиумите и истражувачките новинари за борба против корупцијата со откривање неправилности и злоупотреби во работењето на јавните институции и во користењето на јавните средства.
Поради немање раководни лица, односно директор и заменик на директорот, Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер не може да одлучува по жалбите од барателите на информации, ниту целосно и редовно да ги остварува своите законски надлежности. Со ова се оневозможува целосното остварување на правото на граѓаните и сите заинтересирани страни на пристап до информациите од јавен карактер, односно до начинот на којшто јавните институции работат и ги трошат парите на граѓаните.
Оттука, се повикуваат пратениците, итно да именуваат раководни кадри на Агенцијата обезбедувајќи континуитет во нејзиното работење и во досегашното успешно остварување на заштитата на правото на граѓаните до јавни информации.