Новите градоначалници очекуваат ревизорите да ги проверат јавните набавки на претходниците

Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарката Весна Коловска, како дел од грантот на Проектот на УСАИД за граѓанско учество за „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција”. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД. 

Пишува: Весна Коловска

Ставањето акцент во јавноста на гломазниот проект „Скопје 2014“, каде се констатирани бројни финансиски злоупотреби, го тргна светлото од обилното користење на системот за јавни набавки во општините, во функција на компании блиски до владејачката партија и луѓето на власт. Сомневањата за повеќегодишните злоупотреби на општинските буџети, засега се само во вид на кривични пријави и понекоја условна осуда. Изостануваат очекуваните, од јавноста факти и документи, за тоа како се трошеле граѓанските пари, но и за кои цели. Дали се следел граѓанскиот интерес или партиската програма, која обилува со нови плоштади, фонтани и споменици?

*Нефункционалната фонтана во Свети Николе

Долга јајцевидна фонтана составена од повеќе поврзани делови зафаќа значаен дел од најголемиот парк во центарот на Свети Николе. Малото гратче во Овчеполието ја има најголемата фонтана во Македонија.  Цели триесет метри е фонтаната во вид на око, со длабочина на базен од 1,60 метри. Градот до сега за овој проект потрошил 200.000 евра. Цевки и делови од инокс сведочат за намерата за организирани водоскоци, кои патникот намерник како нас, во тие први денови од мај, не може да ги види. Фонтаната не работи. Коритата што ја чинат композицијата на дното имаат жолтеникава, мочуришна вода, веројатно насобрана од последните дождови.  Фонтаната нема одвод, поради тоа, веднаш штом била пуштена во употреба пред Локалните избори во 2013 година, работела само дваесетина дена. Водата од фонтаната била исцрпена со цистерни, а сега комуналците од време на време имаат работна задача да ги чистата пластичните шишиња и друг отпад што постојано ги полнат коритата. Проектот на тогашниот градоначалник Роберт  Ѓеорѓиев од ВМРО ДПМНЕ го наследи неговиот сопартиец Зоран Тасев, кој го заврши мандатот, но не успеа да ја оспособи најголемата фонтана во државата. Во јавноста Тасев кажуваше дека во тек е судски спор со фирмата изведувач, „ Алкон проект“ од Скопје. Новиот градоначалник Сашо Велковски вели дека на скопската фирма и’ биле исплатени 200.000 евра за нефункционална фонтана и три бушотини, што никогаш не биле реализирани според баранато од  договорот. Новата локална власт подготвува документација за кривина пријава.

– Одговорност мора да има, бидејќи залудно се фрлени  200.000 евра, граѓански пари, што е преголем износ  за општина со 16.000 жители, изјави градоначалникот Велковски.

Што се однесува до фонтаната, која потоа ја доправи Јавно комуналното претпријатие „Комуналец“ , сега е бара начин таа да се стави  во функција, преку изградба на систем за циркулирање на водата.

Фонтаната не е единствениот „споменик“  кој сведочи за законски почитуваниот систем на јавни набавки, што на крај има уште еден објект кој никогаш не добил употребна дозвола. Набавката за изградба на Градската капела во 2013 година ја добила фирмата „АГП инженеринг“ од  Свети Николе, која дала најниска понуда. Првично е склучен договор во висина од 4 милиони и 200.000 денари, но потоа излегло дека парите не стигнуваат, па до 2017 година, општината склучила уште два анекси на договорот. До сега капелата чини 7 милиони и 300.000 денари, но пак не е целосно завршена и нема употребна дозвола.

Набавката на горива за училиштата, што се одвива преку јавни набавки е предмет на работа на истражните органи во македонските општини. Во СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе, вообичаено годишно се троши и набавува по 35 тони на нафта. Меѓутоа, во 2014 година било набавено 112 тони на нафта. Градоначалникот Велковски вели дека недостасуваат 42 тони, за кои е платено, но нема доказ дека е примено горивото. Полицијата веќе го истражувала случајот, а поднесена е и кривична пријава.

 

Јавните набавки во Општината Свети Николе не се исклучок од праксата на функционирање на системот, каде прв критериум е најефтината понуда, а договорите потоа се надградуваат со неколку анекси на договори, кои ја билдаат цената на услугата, стоката или работите. Начинот на дефинирањето на критериумите во набавката во старт го  даваат профилот на победникот, речиси редовно на штета на општинските буџети. Свети Николе го има примерот со јавната набавка за одржување на уличното осветлување, која со години ја добивала светиниколската фирма„ КД електроника“. Во набавката не било наведена спецификација за тоа каква опрема треба да има операторот, вклучувајќи ја и корпата, која е потребна за пристап до сијаличните места. Во договорот вреден два милиони денари годишно, Општината презема одговорност да наоѓа и да плаќа за опремата која е неопходна за одржување на уличното осветлување.

Во анализата на досегашниот начин на организирање на јавните набавки, новата локална власт констатира дека со годините паѓа интересот на операторите за учество во нив, но затоа пак се зголемуваат вредностите  на договорите. Во случајот со јавната набавка за одржување на уличното осветлување во годините наназад, понудата на „КД електроника“  понекогаш е единствена или има уште една како алиби, а вредноста на работите постојано расте.

Така, склучениот договор во 2014 година е во износ од 24.390 евра, во 2015 пораснал на 26.016 евра, а веќе во 2016 година изнесува 32.520 евра годишно. Оваа фирма редовно, секоја година победувала на аукциите за новогодишно украсување, за што годишно наплатувала меѓу 3.300 до 5.600 евра. Во 2015 година кога почнала соработката на „КД електроника“ со општината имало дури пет понуди, во 2016 паѓа на три, за во 2017, кога повторно победува овој оператор, паѓа на само две понуди.

Во  анализата на јавните набавки на локално ниво, Центарот за граѓански комуникации од Скопје е забележано дека „и натаму се намалува ниската конкуренција на локалните тендери, а во просек имало по 2,4 понудувачи. На дури 35% од тендерите имало една или ниту една понуда“  (Публикација: „Мониторинг на јавните набавки на локално ниво“, ЦГК, Скопје, 2017).

 

 

А што е со вистинските потреби на граѓаните во јавните набавки?

Меѓу првите фактури за плаќање на новиот градоначалник на Кочани, Николчо Илиев, биле двете од договорите од јавната набавка, кои пак била меѓу  последните потпишани  на неговиот претходник Ратко Димитровски, кој загуби на последните локални избори. На десет дена пред завршување на мандатот, Димитровски за половина милион денари од буџетот на општината Кочни набави полнач за електрични возила и еден електричен скутер за разнесување на општинската пошта. Електричниот полнач набавен за 4.902 евра од скопската фирма „Фибернет М-К“, е поставен пред општината. Скутерот, пак, е за општинскиот курир и чини 4012 евра. Набавката е од „ЕМГ ЕОЛ Квазар“ од Скопје. Куриозитетот во  набавката на електричниот полнач е што само четворица граѓани на Кочани имаат возила на електричен погон. Во цела Македонија, според статистиката на ЕВН, има 80 возила, од кои 47 се возат во Скопје. ЕВН неодамна постави 4 полначи на електрични возила во главниот град, а најави дека ќе има уште неколку во другите градови. Кочанчани не добија одговор зошто да се трошат 5.000 евра граѓански пари  за електричен полнач, кога вакви полначи ќе постаува ЕВН? Во образложението на набавката, Општината Кочани тогаш објави дека е „заради подобрување на квалитетот на граѓаните на локално ниво, со намалување на штетните гасови, намалување на урбаната бучава, заштита на почвата и водата, помали трошоци за одржување и пониска цена на погонското гориво, како и актуелниот развој на автомобилската индустрија.“(www.kocani.org.mk).

Од Општината изостана коментира околу целисходноста на овие набавки. Набавката е завршена и платена.

Државниот завод за ревизија во анализата на јавните набавки во ЕЛС (Единиците на локална самопуправа) заклучува дека во дефинирањето на јавните набавки општините треба да се водат од приритетите и потребите на граѓаните преку утврдени критериуми. Во анализата, ДЗР  пишува дека ниедна општина нема утврдено такви критериуми, што води кон ризик „од субјективност во одлучувањето и фаворизирање на одредени работи“. (Ефективност на единиците на локалната самоуправа во годишното планирање и реализација на годишниот план за јавни набавки 2017).

 

Фаворизирање на компании

Субјективност и фаворизирање, два клучни збора кога се во прашање јавните набавки на локално ниво. Десет фирми се носители на 30% од општинските тендери во 2016 година, а Општините и Градот Скопје во 2016 година потрошиле 8,7 милијарди денари, односно 142 милиони евра на јавни набавки, што е за околу 13% повеќе од претходната година. Ова го покажува од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2016 година на  Центарот за граѓански комуникации. Оваа база вклучува вкупно 3.973 договори склучени од општините со 1.255 фирми.

Кога власта ја презедоа новите градоначалници кон крајот на 2017 година, се соочија со две можности – или да плаќаат пенали со раскинување на договорите за јавни набавки или да го продолжат почнатото од нивните претходници. Речиси сите градоначалници со кои разговаравме, имаа ист одговор, дека очекуваат ревизорите да влезат во нивните општини и да го проверат работењето на нивните претходници, за кои се сомневаат дека во дел  од договорите се прекршени законите на сметка на фаворизирање на блиски фирми. Се обратиле до Државниот завод за ревизија да направи вонредна ревизија во нивната општиина, но речиси сите добиле ист одговор, дека државните ревизори работат по годишен план и не предвидува повеќе општини и јавни претпријатија од планираното. ДЗР од 2012 година до денес има направено ревизија во 21 општина и над десетина општински комунални претпријатија.  Затоа, во некои од општините и јавните претрпијатија влезе финансиска полиција на база на најдени сомнителни документи или други соменевања за неправилно работење.

 

Една третина од поништените постапки од мониторираниот примерок на локално ниво се поништени поради тоа што не била поднесена ниту една понуда“, стои во Анализата на јавните набавки на локално ниво на Ценарот за граѓански комуникации. Ваквите недоследности, сметаат од Центарот, ја отвора дилемата дали јавните набавки се спроведуваат само за да се запази формата, што ја наметнува потребата од воведување контролни механизми за спречување на злоупотреби и прекршувања во сите фази од јавните набавки.

 

Многу метли, малку метачи

Во ЈП „Исар“ од Штип се’ тргнало од една каса – прими, според која, тогашниот директор Ангел Бојаџиев од касата на претпријатието подигнал личен аванс од 120.000 денари. На два дена пред вториот круг од изборите, кога ВМРО ДПМНЕ ја загуби десетгодишната власт во Штип, Бојаџиев ги вратил парите во касата на претпријатието. Овој случај беше оценет како голем скандал во предизборието, а двата партиски ривали обилно го користеа.

Од тој момент па до денеска, против поранешниот директор Бојаџиев се подесени неколку кривични пријави, вклучувајќи ја и таа за со набавката на вкупно 7.000 обични црни метли од диво просо, со кои се метат улиците. Имено, претходното раководство на„ Исар“ од ВМРО ДПМНЕ, во април 2017 година по јавна набавка склучило договор со компанијата Џолев Компани од Штип,  за набавка на 7000 метли за износ од 413.000 денари, односно по 50 денари од парче.  Една година  подоцна,  новото раководство од СДСМ распишува нова јавна набавка за 8000 исти такви метли од диво  просо. Договорот го склучува со истиот оператор Џолев компани за 141.600 денари, само што овој пат, со оваа набавка, една метла чини 15 денари. Актуелнот директор Живко Тасев анализира дека претпријатието има 20 метачи, а според бројот на набавени метли во 2017 година, излегува дека секој метач имал по една нова метла за секој работен ден, дури и за викенд, бидејќи месечно во просек еден метач трошел 29 метли.

Во период од една година Исар набавува дури 15.000 метли за над 9.000 евра. Ако во април 2017 година биле набавени 7000 метли, зошто во март 2018 се купуваат нови 8000? Тасев вели дека морале да набават  метли, бидејќи немале. Од таа прва набавка во 2017 година, од метлите нема трага.

– Не постои книговодствена евиденција, ниту пак ги има внесено метлите во магацин, изјави в,д. Живко Тасев.

СВР Штип му поднесе кривична пријава на претходниот директор Ангел Бојаџиев и на операторот што ја доби набавката „Џолев компани“.

„Во периодот од  април до август минатата година првопријавениот А.Б, како директор на ЈП „Исар“ Штип, во два наврати во име и за сметка на јавното претпријатие, прифатил обврска за плаќање во износ од 413.000 денари со ДДВ кон правното лице ЈТД „Џолев Компани“- Штип, за претходно набавени 7.000 црни метли од диво просо, и покрај тоа што знаел дека истите стоки од наведениот добавувач воопшто не биле испорачани и примени во јавното претпријатие“, стои во пријавата на СВР Штип.

Финансиската полиција ја разгледува и документацијата за јавна набавка на возило – компактор, кое Исар го платило 3,5 милиони денари на битолската фирма „Еко клуб“, но според зборовите на Тасев, го добило неисправно и никогаш не било ставено во функција. Дополнително биле платени уште 1000 евра на фирмата „Коле транс инженеринг“ од Штип, за транспорт на возилото, иако во договорот од набавката во цената е предвиден и транспортот до Штип.

 

Македонските институции годишно трошат  по близу една милијарда евра од буџетот за јавни набавки од кои една третина отпаѓаат на услуги, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации.Изразено во процент, тоа е 12 проценти од БДП за јавни набавки.

Што се однесува до општините и Градот Скопје во 2016 година потрошиле 8,7 милијарди денари, односно 142 милиони евра на јавни набавки, што е за околу 13% повеќе од претходната година.

Во текот на 2016 година биле потрошени по 69 евра во просек по жител, што е за седум евра повеќе од 2015 година. Најмногу пари по глава на жител на тендери потрошила Општина Сопиште – 475 евра по жител. Следат општините Центар со 292 евра по жител и Демир Капија со 256 евра. Обемна квалитативна анализа би требало да покаже колку годишните планови за јавни набавки ги отсликуваат потребите на граѓаните, односно колку тендерите вистински ги решаваат комуналните и другите приоритети.

 

Кога не можат институциите, можат граѓаните

Извештајот на Државниот завод за ревизија за општината Прилеп го предизвика адвокатот Жарко Стеваноски на акција. Од 36 кривичните, кои до сега ги има поднесено против поранешниот градоначалник Марјан Ристески и негови соработници, Стеваноски пресметува дека за четири од нив се отворени предистражни постапки, а за 6 -7 се во работа на Јавното обвинителство. Кривични пријави поднел и за двајца јавни обвинители поради непостапување. За две кривични пријави што ги поднел, екс градоначалникот Ристески е осуден со условна осуда. Тој проценува дека во периодот од 2012-2017 од 7-9 милиони евра  граѓански пари се потрошени за проекти, од кои 4-5 милиони се злоупотребени. Според него, тоа е правено преку блиски компании и билдање на суми преку наместени јавни набавки, а  процентот на реализирани проекти не е според јавниот интерес на граѓаните. Парите се трошени на споменици, плоштади, а како пример го наведува тргањето на познатиот прилепски мермер од плоштадот и поставување на бекатон плочки.

Адвокатот Стеваноски, кој како учесник во Шарената револуција заработи прекршочна пријава за испишување графит на зградата на Општината Прилеп, сега е правен консултант на Општината.

– Каде е штитењето на интересот на граѓаните кога секога година преку јавна набавка се трошеле по 230.000 евра годишно за чистење на снег? Дури и во годините кога немаше снег, Општина Прилеп овие средства ги префрлаше на „Пела транс“, иако за тие пари можеше да се купат машини, за јавното претпријатие само да ги одржува улиците, изјави Стеваноски.

Државниот ревизор во ревизијата за Општина Прилеп за 2015 година оценува дека „количината на потрошените работни часови предвидени во понудата, која е составен дел на договорот за јавната набавка, не соодветствува со временската состојба со извршената работа. Извршената работа на машините е поглема од работните часови на ангажираните работници“ (Ревизорски извештај за Општина Прилеп, ДЗР).

МВР поднесе кривична пријава против Ристовски и уште пет други лица за делото „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за местење на тендер вреден 1,2 милиони евра за зимско одржување на улиците.

„Ристески, во својство на градоначалник на општина Прилеп, на пријавеното правно лице му овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 77.031.890 денари, средства од буџетот на општината. Градоначалникот создал услови „Пела транс“ да биде единствен понудувач и избрана фирма за најповолен понудувач на постапката за јавна набавка за зимско одржување на улици и патишта на територијата на општината Прилеп. Пријавената фирма не можела да учествува во постапките за јавни набавки поради неплатени обврски за даноци, се наведува во кривичната пријава.

Државните ревизори забележуваат на набавката на работите за скулптурата на Крали Марко, која е распишана за 4 милиони денари, но подоцна е платено двојно, односно вкупно 8 милиони и 091.000 денари. Дополнителните 4 милиони и 100.000 денари се обезбедни од буџетот на општинта, иако како што забележува ревизијата, нема донесено Програма за култура за 2015 година. Ревизорот констатира дека добивањето на средства што е повеќе од 100% од пропишаната вредност на набавката создава ризик дека понудената цена е поповолна од реалната ена на пазарот, поради што јавната набавка требало да се поништи. (Ревизорски извештај за Општина Прилеп, ДЗР).

Набавката е спроведена, натплатена, но му даде основа на „шарениот“ адвокат Стеваноски за нова кривична пријава против Марјан Ристески.

Од Општината Прилеп не сакаа да коментираат, бидејќи  „институциите се тие што треба да ги испитаат наодите“.

Граѓаните не се согласуваат со тоа за што општините ги трошат нивните пари

Само 5% од испитаниците во ланската анкета на Центарот за граѓански комуникации, одговориле дека трошењата за јавни набавки во нивната општина  целосно одговара на нивните  потреби, 56% воопшто не и 39% само делумно.

Дури 90% од испитаниците во анкета на рекле дека немаат доволно информации како се трошат нивните пари во општините, а 92% би сакале да имаат повеќе информации и на почетокот на годината да знаат што планира општината да троши за јавни набавки во текот на годината.

– Тука лежи главната поента, бидејќи се отвора простор за граѓаните повеќе да учествуват во распределбата на овие пари, затоа што до сега тоа беше опција ,а од први јануари станува задолжителна обврска објавувањето на годишните планови на јавните набавки на институциите, вклучувајќи ги и општините, јавните претпријатија и другите институции што се под нивна надлежност. Тука граѓаните ќе знаат што планира да се набави, за која сума и можат евентуално да интервенираат ако сметаат дека парите треба да се потрошат за некоја друга потреба, изјави Герман Филков од ЦГК.

Филков смета дека со објавувањето на планот, со потранспарентното објавување на договорите склучени јавни набавки, за што и колку е потрошено, расте не само информираноста и свесноста на граѓаните, но расте и притисокот врз самите општини и институции, што повеќе нивните трошења да одговараат на потребите на граѓаните.

Анеката била спроведена меѓу 400 испитаници од сите општини во државата.

Штитење на интересот на граѓаните

Институтот за економски анализи и истражувања Фајнанс тинк оди понатаму во заклучоците од своите истражувања, на линија на Државниот завод за ревизија. Истражувањето кое се однесува на буџетите и мониторингот на јавните набавки на општините Прилеп, Крушево и Кривогаштани покажало дека  се почитуваат законските прописи, но најчесто, процесот се спроведува „зад затворени врати“, без учество на локалните засегнати страни, заради: 1) нивната ниска свесност и слаб интерес да се вклучат во овој процес и 2) самостојното одлучување на локалните власти врз основа на нивните сопствени верувања, а не врз основа на реалните потреби на локалното население. И процесот на јавни набавки се спроведува согласно законските прописи, иако набљудуваните општини, со исклучок на општина Крушево, се значително нетранспарентни со оглед на тоа што нивните Годишни планови  за јавни набавки не се јавно достапни. Во иста насока, ниту граѓаните не се информирани  ниту заинтересирани да го следат процесот на јавни набавки за општински цели. Во препораките, Фајанс тинк сметаат дека треба да се зголеми знаењето и разбирањето на локалните граѓани за можноста за следење на јавните набавки преку достапниот електронски систем, преку нивно соодветно информирање. (Локални буџети и јавни набавки: Искуства од општините Прилеп, Крушево и Кривогаштани, Фајнанс тинк, 2018).

Во исчекување на работата на институциите, граѓаните очекуваат потврда на со години јавно изнесуваните наводни злоупотреби на претходната власт, со одговорот на прашањето, дали навистина се следеле граѓанските приоритети. Во една од општините, во отсуство на реакција од институциите, локалната власт тргнала во подготовка на документацијата преку ангажман на независна ревизија за изградбата на локалните улици и патишта. Работите преку јавна набавка редовно ги добивала фирма, која, според направената експертиза, на некои делови поставувала асфалт без задолжителниот тампон, на други дебелината на асфалтниот слој е меѓу 3 и 4 сантиметри наместо минималните 6-7, каде веќе никнла трева, додека на некои селски патишта е користен несоодетен материјал за тампон, па таму новоизградените  патишта се во распаѓање. Од општината засега соопштуваат дека документите ќе ги предадат на органите, а до тогаш не сакаат да излегуваат во јавност. Инаку, постапките на јавните набавки се спровдени законски, без забелешки, иако индикативно е дека на тендерите со години, секогаш победувала една иста фирма.

 

Ќе има ли одговорност?

Шест месеци по смената на локалната власт, се чини изостанува посочувањето на одговорноста и одговорните по искажаните бројни сомневања за сторен криминал на локално ниво. Од разговорите со градоначалниците останува впечатокот дека јавните набавки и трошењето на пари преку нив, е врел костен во нивните раце и од нивната покованост и амбициозност ќе зависи дали некој од претходниците ќе биде повикан на одговорност. Остануваат непотврдени тврдењата за натплатени договори, лажирани аукции, договорени бизниси со фирми блиски до власта, злоупотреби. Додека дел од поранешните градоначалници ја трошат својата апанажа, нивните наследници се обидуваат да ги фатат конците чекајќи ја помошта од институциите, кои пак се жалат на недостаток на кадар и време.

__________________________________________________________________________________

 

Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петдогишна иницијатива во вредност од 9,4 милиони долари кој се стреми да го зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење како и да се придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Македонија. 

Платформата на граѓански организации за борба против корупција вклучува 17 граѓански организации кои работат на поголема вклученост и влијание во борбата против корупцијата во Македонија.