Мапирање ризици од корупција во животната средина

Секоја зима, со почетокот на грејната сезона, голем дел од градовите во Република Северна Македонија (понатаму во текстот РСМ) стануваат опасно место за живеење каде што граѓаните буквално се борат за здив поради висока загаденост на воздухот. Особено критични во тој поглед се Скопје, Тетово, Куманово и Битола кои што неретко се на листата на најзагадени градови во светот, а и во другите градови состојбата е загрижувачка. Сé повеќе градови каде што се мери загаденоста пријавуваат загадување многу пати над дозволената граница. Според пресметките изнесени во една студија на Светска банка,11 загадениот воздух е причина за околу 1600 случаи на прерана смрт на годишно ниво во Северна Македонија. Економскиот трошок од смртноста поврзана со загадениот воздух се проценува на 500-900 милиони американски долари на годишно ниво, што претставува некаде 5,2% – 8,5% од бруто домашниот производ на државата.

Гореизнесеното е само илустрација за тоа колку е сериозна состојбата со загадувањето на воздухот во државава. За жал, загадувањето на воздухот е само еден од крупните проблеми поврзани со животната средина во РСМ, сите медиуми на животната средина како што се водата, почвата, воздухот се загадени на алармантно ниво. Причините за ваквата состојба можат да се бараат во повеќе фактори, но, во најголем дел ова е резултат и на лошите политики на Владите во поглед на градење на стратегии кои што ќе водат до одржлив развој со помало влијание врз животната средина, ниските казни, неказнивоста на загадувачите особено на индустриските капацитети, влијанието на индустрискиот и бизнис сектор врз правосудството и политиката, како и ниската свест на граѓаните за последиците од загадувањето на сите медиуми итн.

Значителен удел во ваквата состојба во животната средина има и огромната распространетост на корупцијата во општеството, што придонесува поединци да профитираат од искористувањето на природните ресурси (преку на пример: нелегална сеча, нелегално искористување на минералните суровини, нелегален увоз на нафтени деривати за профит итн.) без притоа да бидат казнети за ваквите постапки, најчесто поради нивните блиски врски со политичките елити и одредени структури во правосудството.

Корупцијата во РСМ е тема која што е обработувана од различни аспекти и од страна на многу истражувачи. Од друга стана, загадувањето е тема која буди огромен интерес од страна на еко-активистите и граѓаните како резултат на лошото состојба во која се наоѓа животната средина. Сепак, анализирањето на проблемите поврзани со животната средина низ призмата на корупцијата и коруптивните практики е тренд кој што дури од неодамна добива на се поголемо значење. Имено, иако граѓаните и еко-активистите отсекогаш го искажувале сомнежот за постоење на коруптивни спреги во оваа област, веројатно поради комплексноста и потреба од мулти-секторски пристап при истражување на поврзаноста на овие две теми, недостигаат истражување и наоди кои што би придонеле за посистематско креирање на политики за намалување на ризиците од корупција во оваа област.

Прочитајте ја целата анализа тука.