Анализа на спроведувањето на Стратегијата за финансиски истраги и праксата на конфискување на имот

Потребно е да се направат соодветни измени на ЗКП, со што би се овозможила соодветна примена на конфискацијата. Тука, пред сè, се мисли на дефинирање на предлогот, односно барањето за конфискација од страна на јавниот обвинител, усогласување на одредбите за конфискација со новиот адверсаријален модел на кривична постапка воведен со измените на ЗКП во 2010 г., кои стапија на сила во 2013 година, унапредување на положбата на третите лица и воведување соодветни законски начини за практикување и заштита на нивните права во постапките за конфискација каде што истите учествуваат, разработување на одредбите кои се однесуваат на проширената конфискација, како и конфискацијата во ситуација кога е невозможно да се поведе кривична постапка.

Неопходно е да се работи на зајакнување на капацитетите на надлежните институции, па така потребно е зголемување на буџетот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, бидејќи истиот е доволен само за покривање на платите на обвинителите и режиските трошоци.

Отсуствува стратегија за интегриран пристап на повеќе служби и паралелно водење финансиска и кривична истрага. Финансиските истраги речиси без исклучок се водат пред започнување на кривичната истрага и служат како основа за поведување кривична истрага.

Доколку се земат предвид различните проблеми кои можат да произлезат при привременото чување на имотот заради обезбедување, како и при извршувањето на правосилните одлуки за конфискација, препорачливо е Агенцијата за управување со конфискуван имот и имотна корист да располага со сопствен буџет како и да се предвидат законски правила и механизми за зајакнување на одговорноста и отчетноста во работењето на Агенцијата во поглед на извршувањето на мерката конфискација во кривичните постапки. На овој начин ќе се овозможи Агенцијата соодветно да ги исполнува своите законски обврски, ќе се минимизира ризикот од несовесно постапување со имотот и намалување на неговата вредност, и ќе се зајакнат ангажманите на Агенцијата во поглед на продажбата или повторното искористувањето на конфискуваниот имот.

Целата публикација можете да ја прочитате тука.