Перцепции, доверба и социјален капитал: Како да се скрши тркалото на корупцијата

Клучен проблем за напредокот на Република Северна Македонија претставува корупцијата. Најчестата дефиниција е дека корупцијата претставува злоупотреба на позицијата за да се исполни приватен интерес. На овој начин, во повеќе полиња на општествениот живот, приватниот наместо јавниот интерес добива предност .

Така, различните актери во овие полиња имаат нерамноправна позиција. Оттука во економската сфера одредени фирми добиваат преференцијален статус при јавни набавки, а лоби групи обезбедуваат подобра позиција за своите бизниси на штета на конкурентноста. Работодавците може да купат лојалност на институциите кои би прогледале низ прсти при кршењето на работничките права. Партиските вработувања овозможуваат нерамноправна позиција на кандидатите, по штета на квалитетот .

Општинските совети и градоначалниците може да бидат под влијание на градежниот сектор и да овозможат непланска урбанизација по цена на животната средина и стандардите на домување .

Кумулативниот ефект на ваквите коруптивни влијанија се ослабнати институции кои во циклусот на вакви влијанија имаат континуиран проблем да се спротивстават. Таквата репродукција на состојбата создава околина во која граѓаните учат дека корупцијата е правило, а следење на законите е исклучок. На тој начин, се доаѓа до долгорочна перцепција за распространетоста на корупцијата. Истовремено, уверени во вмешаноста на институциите во проблемот, граѓаните ја губат довербата .

Во текстот што следува, се анализираат податоците од теренско анкетно истражување спроведено помеѓу 16 и 28 јануари 2019 г. на репрезентативен примерок на полнолетното население во земјата. Анкетата е спроведена од страна на Брима за потребите на Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Примерокот изнесува 1004 испитаници, а резултатите се пондерирани според демографски обележја .

Целта на анализата е да се презентираат неколку димензии на јавното мислење поврзано со корупцијата. На почетокот, во текстот се осврнуваме на формулирањето на „споделени очекувања“ за правилата кои го движат општеството. Понатаму, дебатираме околу нивниот извор – дали се вредносни или искуствено формирани. Потоа ги анализираме перцепциите за корупција и довербата во институциите. Анализата ја завршуваме со дебата околу ефектот по социјалниот капитал. На крајот, нудиме кратки заклучоци и насоки за клучните институции како да постапат во борбата против корупцијата во контекст на јавното мислење и општествената пракса.

Целосната анализа е достапна тука.