Реакција по повод иницијативата за избор на Државна комисија за спречување на корупција

Платформата на граѓански организации за борба против корупција ги потсетува пратениците во Собранието на Република Македонија дека Државната комисија за спречување на корупцијата (во натамошниот текст: Комисијата или ДКСК) е исклучително важна институција во македонскиот систем за борба против корупцијата.

Оттука, во интерес на граѓаните е составот на Комисијата да е заснован врз интегритет и компетентност, без партиски влијанија.

Временскиот теснец пред можните предвремени парламентарни избори не нè уверува дека изборот на нов состав за помалку од една седмица, во постапка според важечкото законодавство, ќе овозможи исполнување на минимум од потребните критериуми.

Соодветен состав на ДКСК може да биде избран само на транспарентен начин, кој е ослободен од партиски влијанија, кој ги вклучува граѓанските организации во јавен распит на кандидатите и кој ќе биде емитуван на Собранискиот телевизиски канал. Платформата сугерираше целосно решение кое е вклучено во новиот предлог-Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси (Закон). Без засилени критериуми што треба да ги исполнуваат членовите, како и без јавност и инклузивност во постапката, веруваме дека постои сериозен ризик за обезбедување независност и стручност кај членовите на ДКСК.

Сакаме да ја информираме јавноста дека на 3. октомври 2018 г. Платформата организираше настан на кој беа поканети претставници од сите парламентарни политички партии, односно од пратеничките групи. Целта на настанот беше да дискутираме за новиот предлог на Закон, но истовремено и да разговараме за празнината која е оставена пред можните избори со непотполн состав на ДКСК.

Оттука, бараме Собранието да најде механизам да го заштити јавниот интерес. Тој претставува заштита на интегритетот на изборниот процес, но истовремено и Комисија која ќе биде избрана низ транспарентен процес, со вклучување на јавноста и зголемени критериуми.

Платформата уште еднаш подвлекува дека ДКСК не смее повторно да биде избрана на несоодветен начин. Граѓаните заслужуваат независно тело ослободено од партиски влијанија, спремно да се бори со корупцијата како најголем предизвик за нашата земја.