Нетранспарентноста и корупцијата во судството се како „брат и сестра“

Oваа истражувачка сторија е подготвена од новинарот Теофил Блажевски, како дел од грантот на Проектот на УСАИД за граѓанско учество за „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција”. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на САД. 

http://vistinomer.mk/netransparentnosta-i-koruptsijata-vo-sudstvoto-se-kako-brat-i-sestra/

Нетранспарентноста и корупцијата во судството се како „брат и сестра“

Сомневањето на поврзаноста на транспаретноста на судските постапки со корупцијата е недискутабилна за нашите соговорници кои се дел од стручната јавност и експерти во своите области. Но она што е сигурно недвојбено е, сè додека нема транспарентност и јавност во судовите и правосудството генерално, Македонија не е држава што ги исполнува загарантираните универзални човекови права.

Пишува Теофил Блажевски

Судството во земјава има проблеми со аспектот на транспарентноста на судските постапки во сите негови фази, а не е исклучено дека зад тоа може да се крие и корупцијата во сите нејзини форми и облици. Ова е генералниот заклучок што го извлековме од нашите соговорници истражувајќи само еден, но многу значаен аспект од корпусот сегменти во судска постапка кои треба да обезбедат фер и правично судење за секого – универзални права на човекот.

Д-р Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур, вели дека кога нема транспарентност, секогаш има простор за сомневање дека нешто е матно:

„Без поговор, транспарентноста е еден од елементите на правото на правично судење. Нетранспарентното, затскриено од очите на јавноста работење, секогаш остава место за сомневање дека нешто недозволено се случува, особено кога тоа е поврзано со очекувањата за правда и правично судење. Европскиот суд за човекови права низ судската пракса многу често повторува дека не е доволно правдата да биде изречена, таа треба да биде видлива и препознаена. Затоа транспарентноста во постапувањето на судовите е поврзана со целиот тек на постапката и особено со изрекувањето на пресудите и при тоа секоја правосилна пресуда мора да биде и објавена. И најдобро срочената пресуда ако не е донесена во транспарентна постапка и ако не е јавно објавена и со тоа обзнанета, води кон повреда на правото на правично и фер судење, но особено остава простор за сомневања од корупција“. (види разговор со Трајковска објавен подолу во рамка).

Слично мислење има и претседателката на Транспаренси интернешнл – Македонијад-р Слаѓана Тасева:

Мислам дека прашањето е комплексно и може да се одговори на повеќе начини, но дека сепак може да се воспостави директна поврзаност помеѓу корупцијата и нетранспарентноста, односно исклучувањето на јавноста од судските постапки – вели Тасева која ова го врзува пред сè со недостатоците утврдени со нефункционирањето на АКМИ-системот за распределба на судските предмети:

Системот за електронска распределба на судските предмети кој требаше да обезбеди независно определување на судијата кој ќе суди по определен предмет, сосема затаи, односно беше злоупотребен до степен што предметите се распоредуваа кај судии кои однапред се предодредени за да донесат посакувана одлука… Анализата на 12 правосилни судски случаи која Транспаренси Интернешнел ја објави минатата недела, покажа дека судските постапки формално се водат во склад со Законот за кривичната постапка, овозможено е присуство на јавност, а на обвинетите им е овозможен пристап до бранител и до доказите. Она што најчесто се случува е судските одлуки да не бидат добро образложени, да не се земаат во предвид решителните факти или доказите предложени од одбраната, сето тоа оправдано со слободното судиско уверување… Се носат необразложени пресуди, кои понатаму се потврдуваат во другите судски инстанци. Овде би можеле да воспоставиме по директна врска помеѓу корупцијата и работата на судството – вели Тасева, додавајќи дека проблем со јавноста и транспарентноста има и кај Јавното обвинителство (види разговор со Тасева објавен подолу во рамка).

 

ЦветановЈавноста се исклучува со „класифицирани“ документи

Дека нетранспарентноста и исклучувањето на јавноста во една постапка имаат врска со корупција, нема никакво сомневање за Ване Цветанов, поранешен директор на Управата за спречување на перење пари (денес Управа за финансиско разузнавање), еден од раководителите на невладината организација што се занимава со истражување и презентирање на случаите на жртвите од правосудниот систем во Македонија Зелена Лупа, но и директен учесник во судска постапка во која е осуден како виновен:

Апсолутно да (нетранспарентноста и корупцијата се поврзани – н.з.). Па тоа цело време го зборувамКако на директно засегната страна во судска постапка бев оштетен во делот на транспарентност во постапката, од причина што мојата презумција на невиност беше сериозно нарушена во медиумите со информациите дека сум извршил серија кривични дела, помеѓу кои и шпионажа, а судот не дозволи јавноста да ја слушне мојата одбрана. Јас лично барав и инсистирав да биде присутна јавноста за време на давањето на исказот за мојата одбрана, каде што дадов гаранција дека одбраната ми е подготвена десет дена пред денот на рочиштето и дека во одбраната нема никаква класифицирана информација или било каква друга причина за исклучување на јавноста, но обвинителката се изјасни за исклучување на јавноста, затоа што имала прашања од класифициран карактер…

И Цветанов како и Тасева, смета дека пресудите не се доволно образложени, а притоа се изрекуваат огромни казни, кои потоа по автоматизам се прифаќаат и од повисоките судови:

Во пракса, читањето на пресудите е прекратко, односно се остава многу мал дел на образложението на пресудите. Се  читаат генералиите на осудените, кривичните дела за кои се осудени, висината на изречените казни, и многу мал дел од описот на сторените елементи на кривичното дело… Многу малку време се посветува на опис на доказите кои го докажуваат битието на кривичното дело, што остава сомнеж за објективноста на постапката. Не се образложува ниту причината за висината на изречените казни. Се читаат како од шега пресуди по 8, 11, 14 години затвор, а судот не троши воопшто енергија за да ги образложи причините за толку високите казни, и во случаи каде што за првпат им се суди на обвинети и каде што истите казни би можеле да бидат, 1, 2 или 5 години затвор.

Она што е најзабележително е што во поголем дел во писмено изготвените пресуди не се наведени изведените докази и одлучувачките факти, тоа го толерираат повисоките судови и луѓето се наоѓаат во затвор. (види разговор со Цветанов подолу објавен во рамка).

Иако нема доволно докази за поврзаноста на корупцијата со нетранспарентноста на судските постапки, простор за недоверба и сомневање има, заклучува и адвокат Натали Петровскаизвршна директорка на Коалицијата сите за правично судење, и раководител на проекти за мониторинг на судски постапки од областа на организираниот криминал и корупција:

Недоволната аргументираност и несоодветната образложеност на решенијата со кои се исклучува јавноста, како и нивно јавно необјавување, оставаат простор за сомневања и темна дамка на институциите за правилно постапувањенеопходно е да се пристапи кон дополнително истражување на ова прашање, за што неопходен ќе биде и ангажманот на надлежните државни институции (види разговор со Петровска објавен подолу во рамка).

 

Јавноста се исклучува дури и за општи расправи

Веројатно за пошироката јавност терминот транспарентност на судска постапка е магловит термин. Сепак неговото значење е огромно. Многу корисна литература во таа насока е анализата  Транспарентост и отвореност: осовременување со судскиот систем во Македонија, издадена од Институтот за европски политики (ИЕП) и Хелсиншкиот комитет за човековите права во РМ (ХКЧП).

Транспарентноста е поширок поим околу сè што се случува во една судска постапка, многу значајна за странките во постапката – обвинителот и обвинетиот, а составен и голем дел од транспарентноста е јавноста. И тоа јавноста, во смисла на јавна судска постапка, но и од аспект на пошироката јавност – присутни медиуми кои со генералната јавност треба да ја искомуницираат судската постапка, а со тоа да придонесат со дополнителна гаранција дали еден судски процес бил фер и правичен или нешто не чинело, па од таму и се донела неправедна и погрешна или вистинска судска одлука.

Новинарот Васко Маглешов од Макфакс, кој се специјализира за следење на проблемите во правосудството и следење на високо профилираните случаи во судските постапки има доста забелешки на комуникацијата на судовите и судиите со новинарите, но и на исфрлање на новинари од судски постапки, дури и кога се од општ јавен интерес:

Тоа неодамна се случи во предметот на специјалното јавно обвинителство „Тврдина 2“. Во текот на главната расправа кога требаше да бидат изведени доказите од УБК, судијката Лидија Петровска по барање на СЈО и обвинетите службенички, ја исклучи јавноста, бидејќи информациите се класифицирани. Слично беше и во предметот „Шпион“. Освен во кривичниот суд, пред 2 години Уставниот суд ја исклучи јавноста, а се расправаше за измените на Законот за помилување – вели Маглешов. (види разговор со Васко Маглешов подолу во рамка).

Тој како пример ги наведува и процесите во кои е обвинет екс-премиерот Никола Груевски:

Кај нас судиите им забрануваат на снимателите да го снимаат судискиот совет, иако таква одредба не постои никаде, дури ни во судскиот деловник. Дополнително, со уредни дозволи од Врховниот суд, дел од судиите во Кривичен (Скопје 1), одлучуваат да не дозволат снимање на обвинетите, за случаи кои се од јавен интерес. Затоа долго време беше невозможно да се сними екс-премиерот Груевски како седи на обвинителна клупа.

Како позитивен пример од неодамна тој го истакнува судијата Иван Џолев, претседател на најголемиот кривичен суд во државата Основен суд Скопје 1, кој почнал да одржува редовни брифинзи со новинарите.

 

Проблемите се детектирани одамна, а ги видел и Прибе

Проблемите со транспарентноста во судските постапки во Македонија се одамна детектирани од сите страни – и од самото судство и од странките во постапката и од јавноста и невладиниот сектор, но и од оние што нè оценуваат дали сме за во ЕУ или стандардите ни се прениски. ЕК и врз основа на експертските извештаи на Рајнхард Прибе (првиот во 2015 и вториот во 2017), имаат забелешки на транспарентноста и фокусот, пред сè, го ставаат во Судскиот совет на РМ и на Врховниот суд.

Но, забелешки на транспарентноста имаат пред сè и претставниците на стручната јавност и многу невладини организации, кои со години ги набљудуваат судските процеси во земјата.

Меѓу последните претставени документи на оваа тема  беше Анализата на мониторингот на судските постапки од областа на организираниот криминал и корупцијата, на Коалицијата сите за правично судење. Во нејзе, во делот за јавноста на постапките се вели:

„Доколку се погледнат податоците од набљудуваните расправи, може да се забележи дека јавноста била исклучена од 8% од одржаните расправи. Иако ова претставува мал дел од вкупниот број на набљудувани предмети, сепак изминативе 3 години статистиката бележи пораст на бројот на расправи на кои била исклучена јавноста“.

Во Анализата се објаснува дека порастот се должи на зголемен број постапки каде се испрашуваат загрозени сведоци или каде што материјалите презентирани во судот подлежат на одреден степен на тајност, но се нагласува и дека законодавецот предвидел низа други мерки (член 228 до 232 од ЗКП), за заштита на сведоците, како што се прикривањето на идентитетот, испитување преку видео врска со заматен лик и сл., а сé со цел да се овозможи исклучувањето на јавноста да биде извршено само по исклучок, во најнеопходните случаи.“

Но, доколку овој индикатор на зголемување на исклучената јавност некако и може да се објасни, никако не може да се разбере влошување на еден друг индикатор за транспарентноста – необјавување информации за судски предмети и јавно неистакнување на времето и местото на судењата кои е потребно да бидат јавно објавени на таблата надвор од судницата.

„Доколку се погледнат податоците од изминатите три години забележително е наглото назадување во поглед на транспарентноста оваа 2017 година, каде за прв пат бројот на расправи каде не било јавно објавено времето и местото на одржување е поголем од бројот на расправи каде времето и местото на одржување на расправите било јавно објавено“ – се наведува во Анализата, во која има и конкретна препорака:

Препорака: Подобрување на степенот на јавноста и транспарентноста на судовите преку јавно објавување на времето и местото на судските расправи, како во рамките на веб страната на судовите, така и во самите судските згради.

 

Необјавување на пресуди – праксата подобрена, но сè уште лоша

Во Вториот мониторинг извештај од проектот Реформи во судството спроведуван од три невладини организации (ИЕП, Институт за човекови права и Здружението на млади правници), се наведува и проблемот со необјавувањето на судските одлуки. Еве што забележале за периодот октомври – декември 2017 г.:

Сите судски одлуки треба да се објавуваат на судскиот портал, меѓутоа се поставува дилема колку од нив се објавуваат, односно колку редовно се врши тоа. Според податоците од октомври – декември 2017 година, Управниот суд има најголем број објавени одлуки, Основниот суд во Неготино, суд со основна надлежност, нема објавени одлуки, додека Основниот суд Скопје 1, кој е суд со основна и проширена надлежност, има објавено само 18 одлуки, што е нереално, со оглед дека станува збор за еден од најголемите судови во државава. Основниот суд Скопје II, суд со основна и проширена надлежност, има објавено само 193 одлуки. За разлика од ажурноста на објавување на судските одлуки, ССРМ, како ефикасни и ажурни судови ги има оценето Управниот суд и Основниот суд Скопје I, додека како неефикасни и неажурни Основниот суд Скопје II и Основниот суд во Неготино. На судскиот портал објавени се аноминимизирани и неанонимизирани одлуки, без информација дали се правосилни

Васко Маглешов има поцелосни податоци за судскиот портал, за цела година за некои од судовите:

На веб-страницата на кривичниот суд во Скопје, како најголем суд во државата, лани, за целата година се објавени вкупно 325 пресуди. За споредба, на веб-страницата на судот во Струмица за истиот период се објавени 1887 пресуди, а судот во Кочани објавил 973. Ова симболично укажува на фактот дека судот е бавен и дека транспарентноста е заглавена. Необјавувањето на спогодбите кои станале пресуди е посебна приказна. Од судиите, пак, на веб-страницата има само име и презиме, информација за материјата по која постапуваат и датум кога се избрани. Веројатно повеќе податоци може да се најдат за агенти на УБК.

Необјавувањето на судските пресуди на порталот или нивно објавување со задоцнување (а тие се објавуваат по закон откако се донесени и им се предадени на странките во постапката), им создава проблем и на адвокатите и на нивните странки. Во Првиот мониторинг извештај од Проектот Реформи во судството е наведено дека истражувачите спровеле анкета по електронски пат со 1700 адвокати, при што добиле фрапантни податоци:

Според 55% од испитаниците, судовите ретко или никогаш не ги објавуваат судските одлуки во законските рокови (се мисли на изрекувањето на одлуката). Уште полоша е состојбата со писмената изработка на одлуките. „Дури 60% од адвокатите одговориле дека одлуките ретко или никогаш не се изработуваат во законските рокови“.

Според истото истражување „дури 47% од адвокатите одговориле дека нивните странки изразуваат некакви сомнежи во однос на причината за доцнењето. Исто така, 31.7% од адвокатите одговориле дека странките бараат од нив да ургираат за побрзо донесување на одлуката“.

Една од нашите соговорнички ја запрашавме дали може да издвои позитивен пример којшто би требало да го следиме од Европа или од светот во однос на транспарентноста кон општата или стручната јавност во однос на судските постапки. Натали Петровска без дилеми го посочи американскиот модел со електронскиот пристап до судските документи (списи) и податоци, е- платформата PACER:

Оваа веб платформа која е функционална во САД, во овој момент е можеби и најоптималното софтверско решение кое би можело да се земе во предвид и кај нас, бидејќи на истата, на пример, се складираат и чуваат сите судски документи (скенирани во својот оригинален примерок) и податоци, до кои секој граѓанин има слободен пристап за симболичен паричен надомест, па оттука истата е и самоодржлива – вели Петровска.

Ако американската платформа ја споредиме со нашиот судски портал (www.sud.mk), може да се забележи разлика „од земјата до месечината“, фигуративно кажано. Не функционираат многу линкови, не може да пребарувате функционално и едноставно, итн, едноставно како информациите намерно да се сокриваат.

 

Судовите и медиумите – (не)пожелна некомуникација

Правосудството генерално, особено судството има многу мала доверба во јавноста и често во истражувањата за перцепциите на корупција се наоѓа на врвовите на листите на институциите. Овој впечаток особено се засили во последните три години кога започна објавувањето на прислушуваните разговори од страна на опозицијата, па формирањето на Специјалното јавно обвинителство и постапките што ги покренуваше и се уште ги води пред судовите. Сето ова произлегува пред сè од искуството на граѓаните со правосудните органи, но елемент што кумува е пожелната или можеби за третата власт „пожелната некомуникација“ со јавноста, пред сè преку медиумите. Колку пати во јавноста може да се слушне онаа грда сентенца – судската одлука не смее да се коментира или другата – одлуката е донесена врз основа на слободно судско уверување или третата – не смееме да даваме никакви информации бидејќи предметот е во таа и таа фаза…Примери има бројни.

Д-р Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија го кажува сосема спротивното:

Обврската за објавување на судските пресуди е воведена заради транспарентноста на судските одлуки, но и за да се даде можност на стручната јавност да коментира за начинот на кој се напишани пресудите, а особено за нивната заснованост на решителни факти и издржаност и за подобрување на судската практика.

Начинот на работа на СЈО со јавноста од самиот почеток па до денес, со мали исклучоци, практично покажа каква треба да биде вистинската комуникација со јавноста. Судовите (и обвинителствата), се затскриваат во однос на таквата комуникација со немање време, со ненаоѓање потреба, со измислени божем законски бариери, некогаш додуша и во коализија едни со други, со немање капацитети. Ретки се судовите кои имаат функционални портпароли, ретки се судовите кои редовно објавуваат известувања до јавноста, иако таа пракса полека почнува да се менува:

„Основните судови Скопје I и Скопје II, Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд редовно објавуваат соопштенија за јавноста, што укажува на транспарентното работење на овие судови. Во текот на извештајниот период известувања до јавноста имаат и Вишиот управен суд, Управниот суд, Апелациониот суд Битола, Апелациониот суд Штип, како и основните судови во Велес, Кавадарци, Битола, Ресен, Прилеп, Струга, Берово, Делчево, Струмица, Виница. Она што е карактеристично е дека различни судови даваат различни информации како соопштение до јавноста“ – забележале набљудувачите за периодот од последните три месеци од 2017 година

Оваа материја – комуникација на судовите со медиумите и новинарите е регулирана со Европската конвенција за пристап до јавни документи. Како што било забележано на стручна расправа „Унапредување на транспарентноста во судството во РМ“ што се одржа на 25 април 2017,  Република Македонија иако уште во 2009 година ја потпишала оваа конвенција, сè уште ја нема ратификувано.

„Препораките во Конвенцијата ја нагласуваат важноста медиумите слободно да известуваат и коментираат за кривично – правниот систем, почитувајќи ја презумпција на невиност, судските и полициските органи да им даваат точни информации на медиумите без нивна дискриминација, да им се обезбедат седишта на новинарите во судниците, снимањето во судница да биде согласно закон и  со дозвола на релевантните судски органи почитувајќи ги правата на сите присутни, новинарите да имаат право на копија од јавно изречените пресуди и др“ – се забележува во стручната публикација Транспарентност и отвореност: осовременување на судскиот систем во Македонија.

И пред оваа Конвенција Советот на Европа го расправал ова прашање. Советот на Министри на Советот на Европа оваа материја ја разгледувале во 2003 година, при што донел препораки за земјите членки, меѓу кои е и Република Македонија:

Отвореноста на судовите, изразена преку јавните судски расправи и јавно изрекување на одлуките е важен дел на правото на фер судење. Транспарентните постапки, меѓу другото, се и начин за одреден вид на контрола врз судството.

Многу често судските власти во поглед на нетранспаретноста оправдувањето во јавноста го пласираат со мали судски буџети, со недоволен кадровски потенцијал или со немање доволно големи и технички опремени сали,  а во однос на навременоста на објавувањето на пресудите или за непоставувањето на судскиот портал и нефункционирањето на линковите, оправдувањата оделе до таму дека, фигуративно, „нема доволно хардвер“… Меѓутоа, ниту еден од овие аргументи ама баш ништо не им значи на странките во постапките, ниту пак на граѓаните на Република Македонија кои сакаат да видат целосно функционална трета власт во која ќе имаат доверба. Нашите соговорници се сигурни дека најголемата причина е немање доволно политичка волја.

Натали Петровска која како адвокат е и директен учесник во судски постапки, вели дека странките не смеат да имаат разбирање, затоа што вината е на друга страна:

Недостигот на простор и опрема директно влијае на јавноста, транспарентноста и на правото на фер и правично судење, па оттука странките не би требало да имаат разбирање во ситуација кога им е загрозено ова право, кое е загарантирано со Уставот на РМ, процесните закони и Европската конвенција за човекови права. Од погоре изнесеното, неопходно преостанува да се изведе заклучокот дека станува збор за недостиг на свесност за големината на проблемот, како и недостиг на волја и менаџерски способности на надлежните институции.

И д-р Мирјана Лазарова Трајковска е децидна дека државата е должна транспарентноста да ja претвори од форма во суштина:

Неспорно е дека државата мора да обезбеди услови во судниците за транспарентно работење и тоа зависи и од правилно менаџирање на одговорните лица во судовите, но и од волјата да се приближи правдата до јавноста, до граѓаните. Правото на правично судење не смее да биде теоретско и замислено, туку практично остварливо и ефективно... Тоа значи дека транспарентноста во работењето на судовите не е само процедурална обврска која зависи од имање или немање волја на судиите или од политичката волја, туку таа е законска и конвенциска обврска и содржана е во сите аспекти на правото на правично и фер и судење. Видливоста и важноста правдата да биде препознаена и спознаена, не остава простор за правдања поврзани со технички и просторни услови – вели д-р Мирјана Трајковска.

Не е одвишно на крај да се повторат две работи:

a) Немањето транспарентност може да укажува на корупција – сомневање и тврдење што го искажаа сите наши соговорници.

б) Функционалната транспарентност во судските постапки и генерално во правосудството е обврска на Република Македонија произлезена и од Уставот и од неколку закони, но и обврска од потпишаните ратификувани и нератификувани конвенции, а секако и услов што мора да се исполни од Поглавјето 23 од претпристапните преговори со Европската унија, доколку политичките елити што ја водат земјата сакаат таа да стане членка на ЕУ. За желбата и мислењето на граѓаните нема никакво сомневање.

====================================================================================================================================================================

РАМКА1:

Разговор со д-р Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнл Македонија:

Нетранспарентноста и необразложените судски пресуди се линкуваат со корупција

 

– Дали можеме да изведеме линк – макар и индиректен, помеѓу корупцијата и нетранспарентноста и нејавноста на судските постапкишто е загарантирано човеково право и со нашиот устав и закони и со член 6 од ЕКЧП?

Тасева: Мислам дека прашањето е комплексно и може да се одговори на повеќе начини, но дека сепак може да се воспостави директна поврзаност помеѓу корупцијата и нетранспарентноста односно исклучувањето на јавноста од судските постапки. Системот за електронска распределба на судските предмети кој требаше да обезбеди независно определување на судијата кој ќе суди по определен предмет, сосема затаи односно беше злоупотребен до степен што предметите се распоредуваа кај судии кои однапред се предодредени за да донесат посакувана одлука. Ваквата распределба на предметите не се објавува јавно, и тука недостасува транспарентноста и тоа се прави намерно за да се избегне интересот на јавноста.

Кога ова е направено, постапката може да се одвива јавно и транспарентно. Анализата на 12 правосилни судски случаи која Транспаренси Интернешнл ја објави неодамна покажа дека судските постапки формално се водат во склад со Законот за кривичната постапка, овозможено е присуство на јавност, а на обвинетите им е овозможен пристап до бранител и до доказите. Она што најчесто се случува е судските одлуки да не бидат добро образложени, да не се земаат во предвид решителните факти или доказите предложени од одбраната, а сето тоа оправдано со слободното судиско уверување. Јавноста на судските процеси како и обврската за јавно објавување на пресудите не влијае на нивниот квалитет до степен што судиите не се трудат да донесат образложени пресуди во кои пресудата и изречената казна ќе бидат поткрепени со образложение на решителните факти за секој дел од одлуката поединечно. Напротив, се носат необразложени пресуди, кои понатаму се потврдуваат во другите судски инстанци. Овде би можеле да воспоставиме по директна врска помеѓу корупцијата и работата на судството.

Проблемот со нетранспарентноста на постапките постои и во Јавното обвинителство, кое иако има јасни рокови за постапување и обврска да ја информира јавноста за текот на постапките, најчесто не постапува во дадените рокови, а информирањето на јавноста е целосно оневозможено со новиот правилник за комуникација со јавноста кој подразбира првин да се добие одобрение од раководителот на определено обвинителство.

– Судскиот систем на РМ има проблем и со навремено објавување на судските одлуки, особено во делот на целосни судски одлуки со образложенијата, но и со нивниот увид за пошироката јавност преку единствениот портал суд.мк. Што ова значи од аспект на транспарентност на судска постапка, на јавноста и на можниот линк со корупцијата? Што во суштина значи и за странките во постапката?

Тасева: Судиите немаат пракса навремено да ги подготват и да ги објават пресудите, а уште помалку тие можат навреме да се најдат во електронската база на судски одлуки. Ова целосно го оневозможува увидот во работата на судовите и било каква анализа на судските одлуки од страна на стручната јавност. Обврската за објавување на судските пресуди е воведена заради транспарентноста на судските одлуки, но и за да се даде можност на стручната јавност да коментира за начинот на кој се напишани пресудите, а особено за нивната заснованост на решителни факти и издржаност и за подобрување на судската практика.

==============================================================

РАМКА2:

Разговор со Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка на ЕСЧП во Стразбур:

Нетранспарентната судска постапка остава сомнеж за корупција

 

– Дел од Итните реформски приоритети на ЕУ за МКД од 2015 година е и транспарентноста на судските постапки и поголемо вклучување на јавноста (стр.2).  Доколку се погледне Мониторингот и анализата на Коалицијата сите за правично судење (стр. 35 и 36), доколку се погледнат мониторинзите на други невладини организации, произлегува дека состојбата е влошена во поглед на транспарентноста и правичноста. Колку прашањето на транспарентност и јавност може да се поврзе со евентуална корупција или пак засегнати се само фер и правичното судење, што е базично право на човекот?

Лазарова Трајковска: Без поговор, транспарентноста е еден од елементите на правото на правично судење. Нетранспарентното, затскриено од очите на јавноста работење, секогаш остава место за сомневање дека нешто недозволено се случува особено кога тоа е поврзано со очекувањата за правда и правично судење. Европскиот суд за човекови права низ судската пракса многу често повторува дека не е доволно правдата да биде изречена, таа треба да биде видлива и препознаена. Затоа транспарентноста во постапувањето на судовите е поврзана со целиот тек на постапката и особено со изрекувањето на пресудите и при тоа секоја правосилна пресуда мора да биде и објавена. И најдобро срочената пресуда ако не е донесена во транспарентна постапка и ако не е јавно објавена и со тоа обзнанета води кон повреда на правото на правично и фер судење, но особено остава простор за сомневања од корупција.

– Дали во судската пракса на Стразбур се носени одлуки во корист на странките против државата поради нетранспарентност и исклучена јавност од судските постапки?

Лазарова Трајковска: Праксата на Судот во Стразбур многу пати утврдила повреда на правото на правично судење токму поради нетранспарентност во текот на постапката. И во повеќе предмети за Република Македонија, нетранспарентноста на националните судови довела до повреда на правото на правично судење од различни причини. Така на пример, во предметот на Настеска против Република Македонија, бидејќи жалителката не присуствувала на нејавната седница пред Апелациониот суд,  Судот во Стразбур сметал дека, дури иако на јавниот обвинител не би му била дадена дозвола да коментира, неговото присуство во отсуство на жалителката довело до повреда на правичното судење во врска со принципот на еднаквост на оружјата. Во друг предмет, Селмани и останатите против Република Македонија, Судот во Стразбур утврди повреда на правото на правично судење бидејки Уставниот суд во нивниот случај одлучил без да одржи усна расправа, иако жалителите во принцип, според Деловникот на Уставниот суд, имале право на усна расправа. Овој суд укажал дека спроведувањето на правдата подобро ќе служело ако жалителите имале можност да го објаснат своето лично искуство на јавна расправа. За Судот во Стразбур одржувањето на усна јавна расправа има поголема тежина од аргументите за експедитивност и ефикасност на кои се потпирале властите во своите наводи.

– Во низа јавни расправи каде што учествувале судии или обвинители како еден од главните проблеми со транспарентноста се наведуваат (за нив „објективни“) околности (немање простор, немање луѓе, немање хардвер, итн). Колку ова може да е разбирливо за една странка во постапка или за квалификуваната и за општата јавност, кога станува збор за почитување на правата на човекот или пак, вистинскиот проблем лежи во немање волја и кај оние што се одговорни лица и тела во судството, но и немање политичка волја?

Лазарова Трајковска: Неспорно е дека државата мора да обезбеди услови во судниците за транспарентно работење и тоа зависи и од правилно менаџирање на одговорните лица во судовите, но и од волјата да се приближи правдата до јавноста, до граѓаните. Правото на правично судење не смее да биде теоретско и замислено, туку практично остварливо и ефективно. Во постапките пред судовите во прв степен, правото на „јавна расправа” го повлекува правото на „усна расправа“, освен во случаите каде постојат исклучителни околности кои го оправдуваат неодржувањето на таква расправа и тие се стриктно законски утврдени. Покрај транспарентноста во практикувањето на правото во текот на процедуралните дејствија, принципот на правично судење налага и право на образложени судски одлуки од кои ќе биде јасно на кои причини пресудата почива. Тоа значи дека транспарентноста во работењето на судовите не е само процедурална обврска која зависи од имање или немање волја на судиите или од политичката волја, туку таа е законска и конвенциска обврска и содржана е во сите аспекти на правото на правично и фер судење. Видливоста и важноста правдата да биде препознаена и спознаена, не остава простор за правдања поврзани со технички и просторни услови.

================================================================================

РАМКА 3:

Натали Петровска, извршен директор на Коалиција за правично судење

Довербата на јавноста во правосудството е едвај 10 отсто.

 

– Доколку се погледнат податоци од Вашиот мониторинг и податоците од мониторингот еден и два од други невладини организации – дали може со сигурност да се констатира дека една од препораките за транспарентна судска постапка и за вклучување на јавноста  што е наведено и во Итните реформски приоритети на ЕУ за МКД од 2015 година, не само што не се исполнува туку состојбата е и влошена?

Петровска: Во списокот на Итните реформски приоритети кои беа посочени уште во 2015г. од страна на ЕК, а чија цел беше справување со затекнатите системски слабости во повеќе области, помеѓу кои и владеење на правото, покрај останатите слабости во правосудството, потенциран беше и проблемот со јавното објавување на сите судски пресуди во рокови определени со закон, но и нивна достапност до граѓаните, преку овозможување на систем за полесен пристап. Факт е дека и покрај дадената препорака и приоритетност на оваа проблематика, околностите за оваа состојба не се променети.

Нетранспарентното постапување на судот во одредени ситуации кое е детектирано од наша страна (врз основа на кое не би можеле да генерализираме поврзувајќи се со степенот на апсолутна нетранспарентност) секогаш остава простор и сомнеж за лоша оценка на неговото работење, но и за нетранспарентноста и отчетноста при постапувањето и одлучувањето на истиот.

Кога би ги земале во предвид индикаторите за транспарентноста на судовите, од аспект на јавно објавување на податоците за предметите кои се во работа на судот, (како и објавување на времето и местото на судењата кои е потребно да бидат јавно објавени на таблата надвор од судницата), но и нивно електронско објавување на веб страните на судовите, дефинитивно може да се констатира назадување односно намалена транспарентност. Доколку се погледнат податоците со кои располагаме од изминатите три години, забележително е наглото назадување во поглед на транспарентноста изминатата- 2017 година, каде на пример за прв пат бројот на расправи каде не било јавно објавено времето и местото на одржување е поголем од бројот на расправи каде тоа е сторено.

Додека пак во поглед на електронскиот пристап до овие податоци, можеме да констатираме непотполна функционалност на официјaлниот портал www.sud.mk и тоа претежно од аспект на перцепција на стручната јавност, која впрочем и најчесто го користи овој портал. Ова особено во поглед на непочитување на одредбите за јавно објавување на правосилни пресуди (согласно закон и законски рок), ниту законските рокови за изработка на судските одлуки, потешкотиите во пребарувањето на судските одлуки на веб страната на судот. На погоренаведените проблематики се надоврзуваат уште и законските празнини во поглед на недостиг на одредби во Судскиот деловник за објавување на задолжителните податоци на судските пор­тали (податоци за финансиското работење на судовите, годишни финансиски извештаи и сл.)

– Дали (не)транспарентноста и (не)јавноста во судските постапки можеме да ги поврземе со корупција или генерално тежиштето е врз фер и правично судење?

Петровска: Имајќи во предвид дека Коалицијата веќе неколку години по ред реализира проекти кои се поврзани со борба против организиран криминал и корупција, но и е дел и од Платформата за борба против корупција, секако дека нашите заложби се и низ оваа призма да ги анализираме судските постапки. Меѓутоа, коментирањето на состојбите во овој контекст не би било благодарно, а уште помалку базирано на факти и докази, но како и да е, таквото постапување неретко остава простор за сомневање дури и ако реално е неосновано. Во секој случај неопходно е да се пристапи кон дополнително истражување на ова прашање, за што неопходен ќе биде и ангажманот на надлежните државни институции.

Недоволната аргументираност и несоодветната образложеност на решенијата со кои се исклучува јавноста, како и нивно јавно необјавување оставаат простор за сомневања и темна дамка на институциите за правилно постапување, а со тоа само ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудството, која реално, според нашите последни спроведени анкети и истражувања е едвај 10%.

– Во повеќето јавни расправи каде што учествувале судии и обвинители или во истражувањата на нво-ата се констатира дека проблем биле пари, технички услови (простор и опрема) или кадровски проблеми (немање на административци и IT-лица). Дали е тоа проблем кој може јавноста и странките во постапката да го разберат или пак станува збор за недостиг и на политичка волја и на волја кај надлежните во судството?

Петровска: Голем процент од судењата на кои јавноста нема можност да присуствува, се токму поради малите капацитети на судовите, како просторни, така и технички. Како пример би го посочила Основниот суд Скопје 1, во Скопје, во кој има само една судница која што е опремена со потребната аудио и видео опрема за снимање и евидентирање на судењата како што е предвидено во Законот за кривичната постапка. Оваа судница исто така е и единствената која има просторен капацитет да собере односно овозможи пристап на повеќе претставници на јавноста. Според тоа, недостигот на простор и опрема директно влијае на јавноста, транспарентноста и на правото на фер и правично судење, па оттука странките не би требало да имаат разбирање во ситуација кога им е загрозено ова право кое е загарантирано со Уставот на РМ, процесните закони и Европската конвенција за човекови права.

Од погоре изнесеното, неопходно преостанува да се изведе заклучокот дека станува збор за недостиг на свесност за големината на проблемот, како и недостиг на волја и менаџерски способности на надлежните институции.

================================================================================

РАМКА 4:

Ване Цветанов, активист во „Зелена Лупа“ и поранешен директор на Управата за финансиско разузнавање:

Позадината на исклучувањето на јавноста е затскривање на корупцијата

 

– Со оглед дека сте странка во судска постапка, а земајќи предвид и дека како невладина организација „Зелена лупа“ се занимавате со борба за фер и правично судење, какво е Вашето искуство и Вашите сознанија за аспектот на транспарентност на судските постапки, особено пак, за времето на добивањето на судските одлуки со целосно образложение на одлуката, откако таа ќе биде прочитана во судницата?

Цветанов: Во врска со првиот дел од прашањето, како на директно засегната страна во судска постапка бев оштетен во делот на транспарентност во постапката, од причина што мојата презумпција на невиност беше сериозно нарушена во медиумите со информациите дека сум извршил серија кривични дела помеѓу кои и шпионажа, а судот не дозволи јавноста да ја слушне мојата одбрана. Јас лично барав и инсистирав да биде присутна јавноста за време на давањето на исказот за мојата одбрана, каде што дадов гаранција дека одбраната ми е подготвена десет дена пред денот на рочиштето и дека во одбраната нема никаква класифицирана информација или било каква друга причина за исклучување на јавноста, но обвинителката се изјасни за исклучување на јавноста затоа што имала прашања од класифициран карактер. На ова барање од обвинителката, јас побарав мојата одбрана да ја дадам пред јавност, а во делот на прашањата да биде исклучена јавноста, со цел јавноста да ја слушне мојата страна. Судот пресече дека ќе се исклучи јавноста веднаш, пред давањето на мојот исказ за којшто изјавив дека не содржи класифицирани информации, со што се направи штета и на мене лично, но и на јавноста и беше ускратена можноста да биде информирана објективно.

Ваквата пракса постоела и во многу други случаи, што укажува на потребата од подобрување на степенот на транспарентност во работата на судовите.

За вториот дел од прашањето, во пракса, читањето на пресудите е прекратко, односно се остава многу мал дел на образложението на пресудите. Се  читаат генералиите на осудените, кривичните дела за кои се осудени, висината на изречените казни, и многу мал дел од описот на сторените елементи на кривичното дело… Многу малку време се посветува на опис на доказите кои го докажуваат битието на кривичното дело, кое што остава сомнеж за објективноста на постапката. Не се образложува ниту причината за висината на изречените казни. Се читаат како од шега пресуди по 8, 11, 14 години затвор, а судот не троши воопшто енергија за да ги образложи причините за толку високите казни, и во случаи каде што за прв пат им се суди на обвинети и каде што истите казни би можеле да бидат, 1, 2 или 5 години затвор.

Она што е најзабележително е што во поголем дел во писмено изготвените пресуди не се наведени изведените докази и одлучувачките факти,тоа го толерираат повисоките судови и луѓето се наоѓаат во затвор.

Потребно е подобрување на ефикасноста во делот на подготвување на записници од рочиштата и нивно навремено доставување до обвинетите, со цел подготовка на одбрана за следно рочиште. Во минатото имавме случаи каде што записниците се даваа после 6 месеци, каде што најголемиот дел од присутните и заборавиле што точно било кажано, па се оставаше простор за големи сомнежи во однос на веродостојноста на самите записници…
Потребни се подобрувања во сите сегменти од правосудниот систем, а контурите на реформите се исцртани со црвени линии во препораките од Прибе. Во иднина ќе мора да се направат, нема бегање од тоа доколку сакаме да имаме држава во која е подобрен степенот на владеење на правото.

-Што кажуваат во тој поглед искуствата собрани од здружението на граѓани каде што активно делувате?

Транспарентноста и јавноста се едни од најважните елементи за објективна судска постапка. Но присутноста на новинари со тефтери не помага многу. Мора да престане праксата на дозвола фаќање на кадри од страна на камерите, а потоа бркање на камерите и камерманите.
Мора да се овозможи снимање за време на цели постапки.
Верувајте има што и да се сними и да се прикаже. Доколку се воведе таква пракса, одредени судии ќе мора да го стават прстот на чело како ќе судат пред очите на целата јавност и ќе им се намали можноста за криење и манипулирање позади силата функцијата и симболиката на тогите.

-Дали исклучувањето на јавноста може да носи со себе и позадина за прикривање на незаконски дејства на поединци или институции од аспект на корупција, разбрана во сите нејзини облици?

Цветанов: Апсолутно, се разбира! Токму тоа го зборувам цело време.

============================================================================

РАМКА 5:

Васко Маглешов, новинар, Макфакс:

– Какво е Вашето искуство со транспарентноста на судските постапки, но и генерално во правосудството?

 

Маглешов: На веб-страницата на кривичниот суд во Скопје, како најголем суд во државата, лани, за целата година се објавени вкупно 325 пресуди. За споредба, на веб-страницата на судот во Струмица за истиот период се објавени 1887 пресуди, а судот во Кочани објавил 973. Ова симболично укажува на фактот дека судот е бавен и дека транспарентноста е заглавена. Необјавувањето на спогодбите кои станале пресуди е посебна приказна. Од судиите, пак, на веб-страницата има само име и презиме, информација за материјата по која постапуваат и датум кога се избрани. Веројатно повеќе податоци може да се најдат за агенти на УБК. Најголемиот кривичен суд има само 1 портпарол, кој се обидува да им одговори на сите барања на новинарите. Неодамна на странска телевизија, видов на вести како судија изрекува пресуда. Кај нас, судиите им забрануваат на снимателите да го снимаат судискиот совет, иако таква одредба не постои никаде, дури ни во судскиот деловник. Дополнително, со уредни дозволи од Врховниот суд, дел од судиите во кривичен, одлучуваат да не дозволат снимање на обвинетите, за случаи кои се од јавен интерес. Затоа долго време беше невозможно да се сними екс-премиерот Груевски како седи на обвинителна клупа. За пофалба е неодамнешната пракса на новиот претседател на судот, Иван Џолев, да свикува редовни брифинзи со новинарите со цел поголема транспарентност.

 

– Дали Ви се случило да бидете изведени надвор од судница како новинар, постапката да се затвори за јавноста поради некаква причина а да не Ви биде образложено од судијата/судијката зошто е тоа така?

 

Маглешов: Има доста такви примери. Тоа неодамна се случи во предметот на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина 2“. Во текот на главната расправа кога требаше да бидат изведени доказите од УБК, судијката Лидија Петровска по барање на СЈО и обвинетите службенички, ја исклучи јавноста, бидејќи информациите се класифицирани. Слично беше и во предметот „Шпион“.  Освен во кривичниот суд, пред 2 години Уставниот суд ја исклучи јавноста, а се расправаше за измените на Законот за помилување.

 

– Дали гледате можност за затскривање на коруптивност од кој било вид кога постапките се нетранспарентни или затворени за јавност?

Маглешов: Сè уште продолжува праксата во судот новинарите да влегуваат последни во судницата. Тоа е симболички приказ за перцепцијата на новинарството. Судската полиција прво ги повикува странките во постапката. Потоа се затвораат вратите на судницата. Тука се договaраат адвокатите, обвинителот и судијата, а новинарите влегуваат и по 10-ина минути откако ќе влезат сите претходно. Тоа остава сомнеж за транспарентноста при водењето на кривичната постапка. Судијата би требало да влезе откако сите претходно ќе влезат во судницата, а во кривичниот суд, редот, за најголем број случаи е поинаков.

__________________________________________________________________________________

Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петдогишна иницијатива во вредност од 9,4 милиони долари кој се стреми да го зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење како и да се придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Македонија. 

 

Платформата на граѓански организации за борба против корупција вклучува 17 граѓански организации кои работат на поголема вклученост и влијание во борбата против корупцијата во Македонија.